Покрај Македонија, кодомаќини на ЕП 2023 ќе бидат Италија, Бугарија и Украина. Македонија дебитира на европските првенства во 2019 година, се пласира и на претстојното ЕП во септември годинава, па на ЕП 2023 третпат по ред ќе биде дел од финалниот континентален одбојкарски турнир
ОДБОЈКА
Македонија ќе биде домаќин на една од групите на Европското првенство (ЕП) во 2023 година во одбојка за мажи, објави Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ). Покрај Македонија, кодомаќини на ЕП 2023 ќе бидат Италија, Бугарија и Украина.
На вчерашниот состанок во Владата на Македонија, претседателот на Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ), Александар Боричиќ, го истакна ангажманот на ОФМ во организацијата на меѓународните настани, како и добрите резултати во последно време.
– Сега кога Владата ја поддржува организацијата на големите европски настани според највисоки стандарди, а тоа се однесува на Сребрената лига годинава, на Европското првенство за одбојкарки до 19 години во 2022 година, како и на една група од Европското првенство за мажи во 2023-та, можам да кажам дека Одбојкарската федерација на Македонија им се доближи на најдобрите организатори на големите одбојкарски настани во Европа – рече Боричиќ, пренесе ОФМ на својата интернет-страница.
Македонија дебитира на европските првенства во 2019 година и на премиерниот настап, во групата што се играше во Љубљана забележа две победи, од кои една против подоцнежниот вицепрвак, Словенија. За тоа дека тој успех не е случаен, потврда беше пласманот и на претстојното ЕП во септември годинава. Организација на една од групите на ЕП 2023 значи дека Македонија третпат по ред ќе биде дел од финалниот турнир.
– Се радувам за ваквата чест добиена од ЦЕВ. Ја изразувам силната поддршка за одбојкарскиот спорт, кој во последните неколку години забележува одлични резултати на меѓународен план. За мене задоволството е уште поголемо затоа што голем дел од одбојкарските репрезентативци се од мојот град Струмица – изјави премиерот Зоран Заев, пренесе ОФМ.
Репрезентацијата на Македонија наскоро треба да ги почне подготовките за настапот во Сребрената одбојкарска лига. Првиот турнир, од 21 до 23 мај, како и завршниот, на 5 и на 6 јуни, ќе се одржат во салата „Парк“ во Струмица. Во меѓувреме, со ждрепка што треба да биде влечена на 27 мај, Македонија ќе ги дознае и противниците за групната фаза на Европското првенство годинава, кое повторно ќе се одржи во четири земји, овој пат во Полска, Финска, Чешка и во Естонија.