Балканот во изминатите неколку дена е потресен од наводниот нон-пејпер на словенечкиот премиер Јанез Јанша во кој се предлага прекројување на границите на просторот на поранешна Југославија и распад на БиХ, односно подразбира создавање на т.н. „Голема Србија“ и на „Голема Албанија“. ЕУ и самиот Јанша ги демантираа информациите за постоењето на документот, за кој се тврдеше дека словенечкиот премиер го испратил до претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, сакајќи да го извести за еден од приоритетите во текот на претседавањето со ЕУ, кое Словенија го презема од 1 јули. Горливите прашања за целта на пласирањето на нон-пејперот, сепак, остануваат отворени.
– Не се знае дали тој сам го предложил тоа, или некој му го дошепнал од страна. Големо прашање е дали тоа е негова самостојна иницијатива или е пуштен како пробен балон да се испита реакцијата во регионот, а особено во БиХ, за да се види какви се реакциите на другите заинтересирани страни за овој регион, пред се на Германија, но и на другите. Кој го поттикнал тоа во ЕУ? Не верувам дека е Германија. За Франција не сум сигурен. Британија отпаѓа. Дали Американците дошле на идеја дека Дејтон не е функционален и оти тоа можеби го поврзуваат со решавање на косовското прашање? Тоа можеби би била некаква компензација на која сметаат, но тоа уште е имагинарно и не е во доменот на реалната политика – изјави поранешниот шеф на југословенската дипломатија Владислав Јовановиќ за „Косово онлајн“.
Известувачот на Гласот на Америка од Брисел, Душан Гајиќ, пак, наведува дека во одреден миг неофицијално било потврдено постоењето на документот, а потоа и демантирано.
– Мислам дека ова уште не се сфаќа премногу сериозно, односно како некоја иницијатива која има тежина и која навистина ќе доведе до формализирани разговори во ЕУ за можната промена на границите и сличните прашања. Би кажал дека тука во Брисел, ова постоење на нон-пејперот засега се запоставува и се бутка настрана. Има уште време до словенечкото претседавање, па ќе видиме што ќе биде – објаснува Гајиќ.