Аднан Саман е визуелен уметник и музичар од Хама, Сирија, кој почнал да црта и да бои од пет години. Престанал да создава уметност на 12-годишна возраст, но тоа се променило кога се преселил во Јордан и пронaшол мир преку експериментирањето со бои, фонтови и фотографии. Едно од неговите најрани дела стана сензација на социјалната мрежa Тамблр и тоа го поттикнало да започне да споделува повеќе од својата работа на интернет. Во моментов, неговата работа се врти околу колажот, мешањето елементи од различни области на уметноста, како што се графички дизајн, фотографија и мода.
– Во март 2011 година, бев на последната година на училиште и планот беше да ја напуштам Саудиска Арабија за да одам во Сирија на колеџ. Одеднаш, сè се промени поради протестите во Сирија. Брзо морав да имам план Б, па отидов во Јордан и студирав таму. Додека бев таму, се сретнав со Сиријци и бевме политички активни. Но во 2013 и 2014 година, протестите се претворија во граѓанска војна и се чувствував тажно, депресивно – со чувство на предавање. Сè што сторивме помина залудно. Па застанав. Дојдов во Европа кон крајот на 2018 година и, некако, се вклучив повеќе во демонстрации за слобода на изразување, но се чувствував отуѓено и се соочував со расизам. Изминатите 10 години беа тешки. Посакувам никогаш да не се случеа. Се сменив како личност и никогаш не замислував дека како 27-годишник би се вклучил во политички активизам и дискусија – раскажува Саман.
Неговата работа зависи од импровизација.Тој сака да комбинира различни слики и уметности.
– Кога го направив првото дело во ноември 2019 година, бев на мојот компјутер и си велев себеси дека сакам да направам нешто што е лично и ранливо.
Имам голема архива со слики од Сирија и разгледував различни слики од Дамаск сè додека не најдов слика што има потенцијал. Имав и десетици филмски постери. Почнав да сечам, ставајќи ги на ликот на Дамаск. Испробав многу работи, но ништо не ми се допадна. Потоа, случајно, пресеков една слика на човек како на специфичен начин да го гушка Дамаск. Стигнав до точката што сакав да ја достигнам. Почувствував дека делото е комплетно.
Ја сакам идејата за контраст, затоа избрав црно-бело со светлоцрвена боја. Црвената боја е силна боја, симболика на крв, пресврт, револуција. Ова дело го сметам за љубовно писмо до Дамаск, кое е многу драгоцено за мене. Го посетив Дамаск повеќе од еднаш и живеев таму три последователни недели – едни од најдобрите недели во мојот живот – вели Аднан Саман за делото „Гушкањето на Дамаск“.