Кинотеката на Македонија вечерва, со почеток во 19 часот, ќе одржи омаж за актерот, кастинг-директор, сценарист и продуцент Љупчо Тодоровски-Упа (Скопје, 2.5.1956 – Скопје, 22.1.2021). Во негова чест ќе бидат прикажани мини-документарец подготвен од неговите пријатели и соработници, краткиот игран филм „Налепница“ на Георги М. Унковски (една од последните улоги на Упа), и „Јазол“ на Кирил Ценевски, во кој тој ја оствари својата дебитантска улога на филм. Љупчо Тодоровски-Упа играл во триесеттина кратки и долгометражни играни филмови и ТВ-серии на повеќе јазици. Потписник е и на петнаесетина театарски режии и одиграл десетици улоги во проекти и во театарски куќи во поранешна Југославија, како и на безброј разни други сцени.
– Актерството го доживуваше како фрлање зрак светлина врз туѓите животи. Тој е еден од основачите на аматерскиот театар „Чекори“.

Во 1983 година дипломирал актерство кај проф. Љубиша Георгиевски. За време на студиите настапува во Драмскиот театар во Скопје. По академијата, воден од творечкиот немир и можноста за почесто играње на филм, заминува за Белград, каде што останува цели десет години. Го „пече“ занаетот покрај искусни и водечки југословенски актери, настапувајќи во повеќе филмови и театарски претстави. Од 1997 година, покрај актерството, се занимава и со филмска и ТВ-продукција, пишува сценарија и работи како кастинг-директор (избор на актери)…“ – потсетуваат меѓу другото од Кинотеката.
Покрај работата како кастинг-директор во неколку филма, како извршен продуцент на шест документарни филмови за Македонија, истакната е актерската филмографија на Упа и во филмовите: „Пред дождот“ „Освета“, „Џган“, „Ругање со Христос“ и други, но и фактот дека неостварен сон му останала реализацијата на долгометражниот игран филм „Мајсторот“, за кој го напишал сценариото во 2010 година. Режисер на овој филм требаше да биде Иво Трајков.