Една од најважните работи за добар центаршут е да не се обидувате да погодите некого во главата. Упатете ја топката во просторот, бидејќи кога ќе целите директно во играчот, тогаш му е полесно на дефанзивецот, вели, меѓу другото, Милер во интервјуто за „Индепендент“

ТОМАС МИЛЕР, ИГРАЧ НА БАЕРН

Напаѓачот на Баерн, Томас Милер, во интервјуто за англискиот весник „Индепендент“ зборува за неговата способност да го направи најпрецизното движење во вистинскиот момент при секој напад, што, според противничките играчи, е речиси како шесто сетило. Милер (31) ги поткрева веѓите на идејата дека тоа е нешто вродено или екстра-сензитивно.
– Сигурен сум дека тоа може да се тренира. Мислам дека луѓето прават голема работа околу објаснувањето како играчот, можеби не со посебна физичка подготвеност, без посебни вештини или не најдобар дриблер, е толку ефикасен. Можеби на помлада возраст, кога ќе постигнев два гола луѓето се прашуваа како е можно тоа и се обидуваа да направат некаков „мит“. Тие прават нешто посебно од нешто што е нормално и логично – вели Милер.
Милер дејствува неверојатно опуштено за некој што се смета за создавач на високи стандарди во клуб каде што победничкиот менталитет е поизразен од кој било друг.
– Тоа е еден од моите таленти – се смее Милер кога ќе му се спомене неговата лежерна природа.
Напаѓачот инсистира на тоа дека не поседува некој посебен талент што му помогнал да направи една од најуспешните кариери во фудбалска игра, но и дава „специјален совет“ за тоа како да размислувате за време на мечот, како да се користи просторот на начин што прави битна разлика на врвно ниво.
– Во фудбалот има многу „сигнални“ ситуации. На пример, топката е кај левото крило, тоа дрибла, но нема опција за центаршут. Затоа ја додава топката назад, можеби дијагонално, во средината, или назад кон левиот бек. А, секој противнички дефанзивец гледа во топката како зомби – вели Милер.
Тој притоа буквално имитира зомби, дури и испушта некакви звуци и, очигледно, е „вклучен“ и максимално концентриран во тие моменти.

– Значи, јасно е дека просторот во десниот дел од теренот, во 16-те метри, е празен. Можете да втрчате од десната страна, зад офсајд-линијата. Тоа е јасна ситуација. Нормално, бројот шест или левиот бек треба да знаат дека таква топка е најдобрата опција за гол. Тие мора да знаат дека втрчувате во празниот простор и вие мора да знаете дека таквото додавање е опција. Понекогаш е полесно отколку што изгледа, но, се разбира, потребен ви е вистинскиот момент на додавањето. Една од најважните работи за добар центаршут е да не се обидувате да погодите некого во главата. Упатете ја топката во просторот, бидејќи кога ќе целите директно во играчот, тогаш му е полесно на дефанзивецот – вели Милер.
Според Милер, ова е „логично“ и може да се тренира. Неговите втрчувања не се производ на некакво претчувство, туку на чести повторувања и на трпеливост, нешто што е многупати тренирано.
– Можеби е посебно тоа што една од моите предности е да го правам тоа повторно и повторно и повторно. Секој добар напаѓач или добар играч за врска во нападот знае дека тие втрчувања се многу опасни за противничката одбрана, но некои можеби не се доволно добри да ги направите и 50 пати. Можеби 49 пати нема да ја добиете топката или ќе ја загубите. Фудбалот е игра на многу, многу грешки, особено во нападот. Мораме да пробаме повторно, да пробаме повторно, тогаш можеби дефанзивецот ќе погреши 51-от пат и ќе постигнете гол. Значи, тоа е повеќе логика отколку мојот вроден талент – рече Милер.

Ваквите повторувања го иницираат прашањето за тоа во што се состои модерниот фудбал. Колку претходно е програмиран, а колку е во слободна форма? И колку работите се промениле од почетокот на кариерата на Милер?
– Па, јас почнав со Луис ван Гал, тој имаше план. Во германскиот фудбал, тој можеби беше еден од првите тренери што имаа јасен план за офанзивен фудбал. Мислам дека одбранбената тактика постои одамна во Германија, но во нападот се обидувавме да играме повеќе во „тотален“ стил на Ван Гал. Се обидувавме да играме со многу додавања и со многу техника, мислам дека во сите 90 минути имавме план како да играме, но на теренот треба сами да одлучувате во секоја ситуација. На пример, Пеп Гвардиола секогаш имаше план за нас, но по 10 минути тој можеше да промени сѐ. Тој го гледаше противникот и ќе помислеше „ох, мојот прв план не е доволно добар“ или „мојот прв план не функционира“, па затоа мислам дека играта се развива и надвор од теренот – вели тој.


Тренерите се обидуваат да бидат посистематични и подобро подготвени за деталите

Тренерите се обидуваат да бидат посистематични и подобро подготвени за деталите. Можеби тренерите во минатите времиња создаваа подобра атмосфера во тимот, знаеја да се справат со играчите, да ги одржуваат самоуверени и психолошки постабилни, но мислам дека сега работите околу тактиката, па и целиот бизнис се посистематични. Не ја знам ситуацијата сега во Сити, но во наше време Пеп Гвардиола ќе речеше: „Јас ќе те донесам до шеснаесетникот и потоа ти треба да ми ги покажеш твојот талент и чувствата“. Да, тој планира и подготвува сѐ, можеби до 20 метри пред голот. Имавме играчи како Франк Рибери, Арјен Робен, добри напаѓачи, секогаш добри напаѓачи, Марио Гомез или Марио Манџукиќ, Марио Геце, јас, Даглас Коста. Тој ќе речеше „Јас те носам до оваа линија, а потоа ти треба да ја завршиш преостанатата работа“, објаснува Томас Милер.


Посилни сме кога играме заедно со Левандовски

Што се однесува до напаѓачите, Баерн сега го има можеби најголемиот од сите, во Роберт Левандовски. Полскиот напаѓач му ги олеснува втрчувањата од втор план на Томас Милер.
– Го познавам Роберт долго време. Станува сѐ подобар и подобар во последните две-три години, си веруваме еден на друг повеќе. Знаеме дека кога играме заедно сме посилни. Јас знам што сака тој да направи, па затоа можам да му асистирам подобро отколку некој нов соиграч. Тој знае дека кога ќе ја кренам главата и ќе погледнам, се обидувам да го пронајдам. Секогаш се обидувам да го најдам најкраткиот пат до голот, а тоа нормално е преку напаѓачот. Тој знае дека јас не изведувам циркуски удари, туку играм за да постигнам гол. Тој е нашиот најдобар стрелец и јас се обидувам да му додадам топка во ситуација од која може да постигне гол. Нормално, тој тоа и го прави – вели Милер.