Последниот извештај на Стокхолмскиот институт за истражување на мирот (СИПРИ) неодамна обелодени фрапантни податоци, кои покажуваат дека значително се зголемила продажба на воена опрема и оружје низ светот дури и за време на пандемијата. Дали ќе беше покорисно доколку овие огромни финансиски средства беа пренасочени во здравството за борба со пандемијата? Зашто денес сите држави во светот се исправени пред ист непријател. Вирусот е закана за сите. Тој во моментов е најголемата опасност и за човештвото
Грижата за безбедноста е главна преокупација на секоја држава во модерното светско општество, а безбедни граѓани и достоинствен живот значат подобра економија, поголем буџет и силни влади. Ова е познатата максима кажана од поранешниот американски претседател Џорџ Буш, кога Америка пред повеќе години најави дека ќе започне да се справува со тероризмот што им се закануваше на сите држави во светскиот поредок. Но две декади подоцна од глобалната битка со тероризмот, сега светот живее во една друга војна со невидлив непријател, вирус што однесе милиони животи. Оваа битка, за разлика со онаа со тероризмот, не може да се добие со оружје, куршуми, тенкови и авиони, оваа војна може да се добие единствено со вакцини, медикаменти, дезинфекциски средства итн.
Но пандемијата на коронавирусот, за жал, во светот во исто време откри одредени нелогичности, аномалии или, со други зборови, мешање на приоритетите во поимањето на досегашната безбедносна и меѓународна политика. Имено, голем број држави како по навика не престануваат да купуваат оружје.
Дури во екот на пандемијата на ковид-19 показателите се дека продажбата и трговијата со оружје драстично се зголемиле. Како да со куршуми ќе се лови и уништува вирусот? Водени од некое темпо од минатото, земјите како недоволно да се фокусираат во инвестиции во здравството. Оваа нелогичност на модерниот свет во ова многу тешко време, натежнато од пандемијата, на прв поглед е неразбирлива, кога целиот свет се соочува со најголемиот, најопасен и најмасовен непријател на човештвото, во ликот на ковид-19.
Ова практично се посочува и во последниот извештај на Стокхолмскиот институт за истражување на мирот (СИПРИ), кој беше публикуван неодамна. Во него беа изнесени фрапантни податоци, кои велат дека пазарот за продажба на воена опрема и оружје низ светот и натаму цути, дури и за време на пандемија. Имено, извозот на оружје на глобално ниво во минатиот период е за 12 проценти поголем отколку оној во времето пред пандемијата. Институтот утврдил дека за изминатите пет години американскиот извоз е пораснат за 15 отсто, а САД продале 37 отсто од глобалната продажба на оружје само во минатата година. Слична е состојбата и за Русија, Кина, Индија.
Сево ова нѐ наведува на мисла дека големите светски сили, очигледно, не можат да разберат дека тенковите и борбените авиони не помагаат во борба против пандемијата. Носачите на авиони не се во состојба да ја заштитат ни својата посада, а камоли цивилите на копно од невидливиот непријател. Исклучиво моќна војска не може да се погрижи за безбедност, бидејќи непријателот е микроскопски и тој многу лесно продира низ секоја воена структура.
Токму во тој контекст може слободно да се каже дека енормните издатоци за вооружување, по логиката на нештата, често значат дека нема да има доволно пари за модерен здравствен систем, за функционална инфраструктура или за заштита на животната средина.
Важно е да се напомене и дека оваа криза со коронавирусот никој не можеше да ја предвиди. Но од 2003 година имаше пандемии, како САРС, свински грип, МЕРС, ебола или цика-вирус. Надлежните институции и органи имаа доволно време да се подготват за пандемиите и да одвојат средства. Актуелната пандемија се шири со светлосна брзина во споредба со минатите, а бавните реакции на државите само придонесуваат битката со опасниот вирус да ја губат сѐ повеќе граѓани. Во таа насока, инвестирањето во оружје може да се протолкува и како изместување на приоритетите.
Милионски суми се трошат за вооружување, наместо да се насочат во кризни ситуации и во засилување на медицината, за побрзо и поефикасно справување со пандемијата. Сега, за разлика од претходно, нема две спротивставени страни. Сите држави во светот се исправени пред ист непријател. Вирусот е закана за сите. Тој во моментов е најголемата опасност за човештвото.
Во оваа битка генерали се докторите, а опремувањето на медицинскиот персонал со лекови и вакцини е еднакво важно, ако не и многу повеќе од опремувањето на армиите со тенкови, авиони и со пушки.
Сега светската заедница како никогаш досега е предодредена на заедничко дејствување. За да функционира тоа, богатите земји од Европа и во САД би морале да покажат лидерска сила и да учат од грешките во минатото. Само ако успее тоа, нашиот свет може да биде побезбеден. Тие треба да се обидат да ги редистрибуираат вакцините еднакво и кај нив но и кај посиромашните земји. Овој непријател, олицетворен во ковид-19, ќе исчезне комплетно кога еднакво ќе се имунизираат граѓаните и на големите и на малите, и на богатите и на сиромашните земји. Светот треба да разбере дека матрицата на недоразбирањата од времето на Студената војна треба да се избрише и да се замени со нов пристап и стратегија, според кои докторите со лекови и вакцини ќе го поразат непријателот.