Разгледувањето на можности за деблокирање на Собранието ќе биде во фокусот на утрешната средба меѓу Зоран Заев, претседателот на Собранието Талат Џафери и лидерот на ДУИ Али Ахмети, која ја најави премиерот, додавајќи оти се надева дека блокадата е од привремен карактер поради пратеници позитивни на ковид-19, по чие враќање Собранието ќе се стави во функција за поголем дел од точките на дневен ред и законите.
– Јас ќе одржам состанок со претседателот на Собранието, веројатно и со претседателот на ДУИ, за да разгледаме одредени можности што ни стојат на располагање за да го одблокираме Собранието – рече Заев по посетата на фабриката „Брако“ во Велес.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, претходно упати предлог до собранискиот спикер Талат Џафери за деблокирање на работата на Собранието. Џафери, пак, вчера ја обвини опозицијата дека ја злоупотребува здравствената состојба на пратениците за да поставува ултимативни предлози кои тој не може да ги прифати.