Сто македонски новинари ќе може да се вакцинираат во Србија, преку Македонската асоцијација на новинари во соработка со партнерското Здружение на новинари на Република Србија.
МАН ги повикува сите медиумски работници кои сакаат да се вакцинираат за заштита од вирусот ковид-19, да се пријават на официјалниот емаил: [email protected], најдоцна до утре во 19 часот со: име и презиме, ЕМБГ, мејл адреса и редакција, за вакцинација која ќе се изврши на 23 март.
На барање на МАН во соработка со партнерското Здружение на новинари на Република Србија преку кабинетот на претседателот на Србија, обезбедени се вакцини од „Астра зенека“ за 100 медиумски работници кои ќе се пријават за вакцинација.
Терминот за вакцинација е во 12 часот во вторник.
Ќе се вакцинираат единствено лицата кои ќе бидат официјално пријавени до МАН.
Вакцините и ревакцините за 100 медиумски работници се бесплатни. МАН организира и автобуски транспорт од Скопје до Врање и назад.