Попис за живот. Попис за смрт (3)

Туку сега, пак, нашиот попис не е насочен кон кралските гробници на минатото, туку кон гробиштата расфрлани, некои во испразнетите македонски села и заборавени во пајажината на времето, кои се исто така многу драгоцени знаци, како и црквите и јазикот, за нашата меморија и историска опстојба. И за нашето мартирство, и рани во таа смисла. Оти тие гробишта и гробови се преполни со мартири и херои што го носеле низ столетија своето егзистенцијалистичко знаме „Слобода или смрт“ далеку пред филозофите на егзистенцијализмот, дочекувајќи ја понекој судбински проклетилак многу повеќе смртта отколку слободата и истрајувајќи од генерација во генерација за да се родиме ние денес, за жал како опаднато во моралот и храброста кукавичино племе, кое без речиси поголем отпор дозволи меѓународните модерни варвари на божемната демократија заедно со нашиот сатрап од Муртино, неговиот министер за понадвор Димитров и целата сомнамбулна, како страшните каприча на Гоја, влада и парламент, плус уште и додадените кон нив купени на сточниот политички пазар осуммина изроди од килавата опозиција, да потпишат смртна пресуда на македонскиот идентитет во Преспа во јуни 2018, во зенитот на летната светлина и цутот на венчалните ружи за македонските невести и љубовници. И нив, драг читателу, тие темни суштества ги одведоа, наместо на свадба, во мртовечница и на закоп. Не знам што ќе рече вагата на Страшниот суд за нив, иако мислат дека вечно ќе им трае крваво стекнатата „среќа“.

Да. И еве ги внесуваме во мемориската тетратка гробиштата и гробовите во испустените од туѓоземјани, а сега и од домашни терористи македонски села. Не ги внесуваме и натписите на нивните надгробни плочи, неподмитливиот сведок на македонската трагедија – камениот надгробен ракопис. Да видиме на колку такви плочи Македонците мартирски упокоени во гробот се преименувани со туѓи имиња и презимиња од нашите асимилатори што нѐ газеле со војничка чизма и терор. И таа операција ќе ја реализираме акрибично, микроскопски прецизно, а потоа ќе преминеме на друга, исто така гробна операција: на попис на странските гробишта во Македонија. Да. Оти, не верувам дека која било друга земја во светот, драг читателу, е толку многу богата со нив како жална Македонија: француски, англиски, германски, српски, бугарски… Така, за да се заокружи историската мартирска слика на македонското постоење, на неговите историски голготи и рани, кои ние сме ги лекувале само со раните на Исус како лек и преврска истовремено, и токму затоа и сме воскреснувале, до следната гибел, по секој налет на варварите на нас. А, да ти зборувам ли и за сегашното нивно доаѓање кај нас, и тоа сосе нивните мртовци на рамо, за да ги исфрлат нашите од гробовите и да ги стават нивните во нив. Да. Оти се тоа и такви парадоксите на нашата историска опстојба, драг читателу. И вистинско чудо е што сѐ уште постоиме. Оти тоа е веројатно самиот план на Господ, кој како да им се обраќа имено на Македонците во Откровението (или Апокалипсата) во последната книга на Библијата на апостол Јован, кога им вели на мртвите во гробовите, облечени во бела руба за навестеното воскресение, да бидат уште малку трпеливи (Трпевци и Трпани), додека да ги стави Сатаната и злото под нозе.
Доволно. Ниче мислеше, драг читателу, дека варварите се посреќни од луѓето на културата и цивилизацијата сфатена како таква. Македонскиот историски пример е најубава илустрација за таа негова (хипо)теза. Штета што, пак, тој не знаеше за Македонија, заглавен до гуша како и Европа во живиот песок на античка Грција, како демек храм на европската цивилизациска и културолошка генеза, без остаток. Што е сепак лага. Неа ја откри и бескрајно луцидниот англиски романсиер Х.Д. Лоренс, па во таа смисла го нотира синдромот „грчка вреќа“ во која Европа трупа сѐ послепа инерција. И една таква цивилизација, од Пела до Хималите на Исток и египетските пирамиди на Југ, каква што е античка Македонија.

Во нашата мемориска тетратка, значи, ќе ги попишеме и сите варвари и варварски налети, sturm und drang, на Македонија и Македонците и уште многу нешта, до ситница, поврзани со нив и нивните злосторства, сѐ до Преспа 2018, разгореното бугарско варварство потпрено на „добрососедскиот“ договор на македонскиот сатрап од Муртино и Тиранската платформа на рамковните Каинови сега-засега браќа. Нека докажат дека не се тоа и такви.
Така. Опфативме само дел од пописните операции што треба да ги спроведеме и внесеме во нашата мемориска тетратка, драг читателу. Во друга пригода ќе се навратиме и на „пропуштеното“, кое е, за волја на вистината, испуштено во овој дијагностички текст составен само од знаци на рани, меланхолија и страдања. Но сега, драг читателу, ја отвораме најболната страна на мемориската тетратка за пописна операција, и тоа без анестезија. Во неа треба да ја нотираме и претставиме сликата на, за жал, шизофрениот во психолошки и онтолошки расцеп смртно заболен македонски идентитетски организам. Операцијата ќе биде болна, но треба да ја изведеме и нотираме заради оздравување, за отстранување на болните од здравите клетки на организмот. И не се работи тука за патриоти и непатриоти, со кои со првите се гордее сегашната опозиција импотентна и без здрав идентитетски тестостерон, а со вторите северната македонска партија на власт, која покажа нацифашистички заби кон Македонците, како Хитлер кон Евреите што ги обележи за ликвидација со Давидовата ѕвезда, демек во име на европските демократски вредности, кои од нашето искуство со Европа воопшто и не постојат. Нека повели, драг читателу, некој во дебата со нас да покаже дека тоа не е така! Оти нас сега нѐ обележаа за отстрел, како Евреите во фашистичка Германија, со Ѕвездата Северница (постои и кај астрономите таа), што е апсолутно синоним на Давидовата еврејска ѕвезда за време на Хитлерова Германија. Ѕвездата на смртта, која воленс/ноленс фрау Меркел на некој начин со нејзиниот страшен и повеќе од страшен булдожерски притисок да се преименуваме, во Преспа ја донесе и кај нас преименувана од Давидова во Северна. Колку (како што вели нашиот народ) да не се сетат Власите. Ама ние знаевме за нејзините темни намери и пред да дојде во Скопје таа кај муртинскиот евро и амерополтрон, кој ѝ го смени знамето, а таа не му се налути бидејќи требаше да го употреби како алатка за својот нацифашистички план за доликвидација на „смачканото племе“ (Б. Конески). Извинете, фрау Меркел, што се изразувам без фино перверзниот политички јазик, директно и вистинито. Јас повеќе би сакал во овој текст да ги спомнам и цитирам Томас Ман и Стефан Цвајг, бескрајни германски космополити и хуманисти, а не Вас, но тоа сега го налагаат историската вистина и околности.

Оти европскиот, западен хуманизам и демократија денес е апсолутно пропадната работа. Тоа го потврдува по Черчил и фрау Меркел, месје Макрон и преостанатите евроколонијалисти и планетарни банкарски тајкуни македонското искуство со Европа која ги изгубила критериумите на моралот и емоцијата. Доволно.
При крај сме на ова долго мемориско патешествие, драг читателу, во кое и ние како библискиот Ное во коработ пред потопот (сега и новиот корона-потоп) ги товараме сите наши идентитетски знаци, за откако гулабот со маслиновото гранче во клунот ќе го објави повлекувањето на водите да ги изнесеме на копното на кое треба да стапнеме со сите нив неоштетени и светнати како кристал, вглобени и како математичка равенка на светлината на Ајнштајн Е=МС2. Да. А не грижи се за овој попис сега што ни го истопорија пред нос по цели 19 години. А кој го стопираше досега него пред да се донесе овој перверзен закон, драг читателу. Тој е сега планиран како еден вид Бермудски триаголник што треба да голтне некого во него. А се знае кој. Дегутантно е за интелигентните да го објаснуваме тоа. Ќе ги навредиме. Едноставно, јасно е, тоа е попис за живот за едни, за нивно фиктивно процентуално растење, а за скусување и тивко, чекор по чекор, сантиметар по сантиметар, абење и смрт за другиот, притиснат со трите смртоносни менгемиња во божем цивилизациски европски демократски целофан: Преспанскиот договор, Договорот за добрососедство со Бугарија и, секако (за да не се прават наудрени Али, Џафери, Османи, Груби…), Тиранската платформа, која на подолг рок може да се покаже и најкобна за Македонците и македонската идентитетска егзистенција. Оти уште на самиот почеток таа рефлектира јасни знаци за тоа, разбивајќи го и вдолж и вшир македонскиот национален и државен суверенитет.
Но да се вратиме пак на нашиот мемориски попис, драг читателу. На болната финална фаза на попис на изродите од родот веќе спомнати понапред. Тие што излегоа на површина како глувци од грантовските соросовски и секакви други дувла, откако беа во кафезот на „меѓународната“ затворени мачките пред нашата идентитетска ликвидација во Преспа. И таа пописна операција е екстремно важна. Ќе почнеме со оној од Муртино, неговата влада и парламентарна гласачка машина за наше усмртување. Потоа ќе одиме понатаму. А ти ми велиш: пушти ги нека ги изедат молците на заборавот. Е, тука грешиш, драг читателу, оти историски парадокс е злосторниците во еден народ дури и повеќе да се паметат од хероите со цели столетија и нови изнародени поколенија. Да се паметат повеќе котерулејци од лазарпоптрајковци. Да те потсетам на еден архетипален пример во тој контекст: на Херострат, кој го запалил најубавиот антички храм посветен на божицата Артемида во Мала Азија. И парадоксот за кој зборуваме е во тоа што тој е добро запаметен во меморијата дури на целото човештво, а не се памети архитектот на храмот, чие име до денес не ни е познато. Болен парадокс. Нели?
При крај сме со пописот со кој и ние, драг читателу, го натоваривме, рековме, како Ное пред потопот коработ со сите потребни мемориски нешта, со Арарат подмишка, за да ја преживееме новата катастрофа.

Оти, како што гледаме, таа воопшто не завршила со Преспа. Којзнае што сѐ уште не ни смислиле странските и домашните катастрофичари. Око не склопуваат и само на тоа мислат тие, а нам ни останува во морна несоница да го мантраме она на Блејк: „Некој е роден за вечна радост, а некој за вечна тага“. Не е тешко да погодиме, пак, дека во оваа профетска равенка на англискиот романтичар и мистичар Македонците му припаѓаат на вториот нејзин став – тагата. На нејзиниот темен облак. Да, ама сепак не апсолутно темен, бидејќи во него се наоѓаат молњите на нашиот порив за песна, оро и свадба, и никој таа екстаза и радост не може да ни ги одземе, макар уште триста Преспи да ни измислат, да нѐ водат во нивната цивилизациска кланица како стадо однапред бележено за клање. Не можат тие Ироди никогаш да го престорат во пепел македонското ороводно „И-и-и-их“, полно со незгаслив митски оган. Тоа е нашата формула за надживување на смртта.
Толку, драг читателу. Ние го завршивме отприлика нашиот мемориски попис, надвор од оној на Заев и Али, што однапред мириса на нешто расипано и што е испланиран, не случајно, и во време на пандемија за да го досуредат и доумрат народот полн уште и со сиромаштија, апатија и очај. Ама нема алтернатива: или ЕУ и Америка, или смрт. А да си теолог на безалтернативноста значи дека си инвалид и во умот и во душата, наметнувајќи му ги тие атрибути и на народот. Дури и во смртта има алтернатива (Исус ја откри неа), а камоли во животот осакатен од некои бедни но моќни суштества.
Тоа. Остана уште да ти одговорам на прашањето што ми го поставуваш, драг читателу: каде сите овие елементи и артефакти што ги попишавме ќе ги засолниме под стреа. Велиш, за други градиме музеи на геноциди и холокаусти, а за нас не сме ни помислиле да изградиме нешто слично.

А нема ни да изградиме. Нашиот музеј ќе биде нашата меморија, која е единствено способна да го собере во себе целото огромно македонско идентитетско благо што опфаќа простор од столетија и милениуми и што блеска како златна жица и во Библијата од првите до последните нејзини страници во Новиот завет. Само во тој и таквиот музеј, кој е ограден не со ѕидови туку со бескрај, можеме за време на катастрофите што ни ги подготвуваат да стоиме над нив на Арарат, како коработ на Ное полн со животни и семиња за обнова на светот по катастрофата. Така и ние што не им се приклонивме ни шарено ни сиво на домашните изроди мораме да го зачуваме и пренесеме понатаму семето што ќе роди и ќе раѓа секогаш сончево жито, од чие хиерогамиско брашно ќе се меси леб само за живот и за свадби. Оти ќе замине со времето оваа наша кукавичина генерација која не умееше да го одбрани Името, што ги влече по себе низ милениуми нашата генеза, предците и прапредците, кои заради нас, такви, и во гробовите се во несоница и не склопуваат клепки за сон. Преспа не само нас, и нив ги уби.
Доволно. Тука ставаме сега за сега точка, драг читателу. Нека не те тревожи пописот на Заев и на Али, и двајцата за нас херострати што го доразурнуваат, и така веќе целосно урнат, најубавиот храм на европската цивилизација со име Македонија. До следната наша средба на ова исто место, концентрирај се како во молитва на седумосминскиот свадбарски такт во твоето срце што се отвора во синиот звук на Алелуја, оти тоа е алхемијата на нашата опстојба и живот. Амин!

(крај)