Покрај тоа што конечно почнуваат вакцинациските кампањи во повеќето земји, сепак, значителен дел од светот сè уште е затворен за меѓународниот туризам. Новиот извештај на Светската туристичка организација на Обединетите нации откри дека една третина од туристичките дестинации остануваат затворени, а повеќе од половина од нив не се во функција речиси цела година.
Други 34 отсто од дестинациите ќе бидат делумно отворени и оваа година, со тоа што 32 отсто ќе бараат негативен ПЦР-тест или карантин, а само кај два отсто се укинати рестрикциите. Во извештајот се наведува дека од 69 дестинации што целосно ги затворија нивните граници, 30 се наоѓаат во регионот Азија – Пацифик, 15 во Европа, 11 во Африка, 10 во Северна и Јужна Америка, а три на Блискиот Исток.