Фото: Игор Бансколиев

ВУЈАДИН СТАНОЈКОВИЌ,
ПОРАНЕШЕН ФУДБАЛЕР НА ВАРДАР И НА ПАРТИЗАН

Македонија заслужи да игра на ЕП, но не треба да се задоволиме само со тоа. Верувам дека Македонија може да биде едно од најпријатните изненадувања на првенството, вели Станојковиќ, кој во моментов е координатор на младите селекции на Македонија

Вујадин Станојковиќ, бекот на Вардар во најуспешниот период, во 80-тите години од минатиот век, потоа и на белградски Партизан, е еден од ретките македонски фудбалери што имале шанса да настапат во завршницата на едно големо натпреварување. Тој беше дел од репрезентацијата на поранешна СФР Југославија (заедно со Дарко Панчев) на Светското првенство во 1990 година во Италија, под водство на селекторот Ивица Осим, во која, меѓу другите, беа и Драган Стојковиќ, Дејан Савичевиќ, Сречко Катанец, Давор Шукер, Златко Вујовиќ, Роберт Јарни, Ален Бокшиќ…
– Пред сѐ, голема чест е да се биде дел од репрезентација на една земја на голем турнир, тоа е сон на секој фудбалер. Јас настапив и на Олимписките игри во Сеул, во 1988 година, но СП во Италија беше нешто посебно, врв на мојата кариера. Настапив на два меча, на дуелите со Колумбија и со Обединетите Арапски Емирати, а игравме и со селекциите на Германија, Шпанија, Аргентина со Диего Марадона. И за малку не ги совладавме, иако добар дел од мечот бевме со играч помалку. Тоа СП го паметам по прекрасниот амбиент, полните трибини, силните противници, во сите имаше по неколку врвни играчи, светски ѕвезди. Трема? Па, не. Можеби малку на загревањето. Но потоа размислувате за тоа како ќе играте, се концентрирате на мечот. Веројатно тука имаше удел што речиси сите игравме во тогашната врвна југословенска лига, во тоа време една од најдобрите во Европа, постојано пред полни трибини, дерби-мечеви секоја недела. Ги респектиравме сите, но бевме искусни, а и имавме и голема самодоверба – се потсетува на тие настани Станојковиќ.

Фудбалската репрезентација на Македонија годинава ќе дебитира и ќе биде дел од Европското првенство, во групата Ц, заедно со селекциите на Холандија, Украина и на Австрија, а мечевите ќе ги игра во Букурешт и во Амстердам.
– Македонија заслужи да игра на ЕП, но не треба да се задоволиме само со тоа. Верувам дека Македонија може да биде едно од најпријатните изненадувања на првенството. Имаме искусни и квалитетни фудбалери, кои играат во силни тимови и лиги, а и подолго време се заедно во репрезентацијата. Мотиви нема да недостигаат, овој состав знае да игра и на резултат, а добар е и на тактички план – вели Станојковиќ, кој во моментов е координатор на младите селекции на Македонија.
Што се однесува до фаворитите, Станојковиќ вели дека има повеќе кандидати за титулата, со еднакви шанси, односно дека тој лично не навива за никого.
– Репрезентациите што се постојано на или при врвот повторно ќе бидат во преден план и мислам дека нијансите ќе бидат пресудни. Ако би издвојувал некого, тоа би биле Германија, Франција, Шпанија, Португалија, Италија, Белгија, која мислам дека е на врвот од можностите. Меѓу нив треба да се бара новиот првак – прогнозира Станојковиќ.


Ќе нема некои големи промени и изненадувања во стилот на играта

Фудбалската игра постојано еволуира во секој поглед, на техничко-тактички и на физички план. Кој пристап или тактика ќе биде најделотворен и најуспешен на претстојното ЕП?
– Ќе нема некои големи промени и изненадувања во стилот на играта. Сите играат слично, нијанси се во прашање. Брзината или транзицијата од одбрана во напад и обратно, контрите и полуконтрите по освоена топка на кој било дел од теренот се битен фактор во секоја тактичка поставеност. Пресинг играат речиси сите, со модификации, а големиот посед на топката и не е толку битен, поважно е што се прави кога ја имате топката во посед. За техничката и за физичката подготвеност на фудбалерите не треба да се трошат зборови, таа е на највисоко ниво. Во некој момент може да пресуди свежината, бидејќи ЕП почнува по завршувањето на домашните лиги и кај некои се можни замор или презаситеност, којзнае – вели Вујадин Станојковиќ.