Непосредно пред 91-от роденден на писателката Бистрица Миркуловска, на 14 март, Иванка Стојкова, некогашна просветна работничка и нејзина блиска пријателка и соработничка, посака на страниците на „Колибри“ да ѝ го честита роденденот, осврнувајќи се на шестдецениското творештво на Миркуловска

Писателите за деца никогаш не стареат, бидејќи нивниот дух е вечно млад. И нашата позната писателка Бистрица Миркуловска, која голем дел од своето творештво им го посвети на децата и која на 14 март ќе наполни 91 година, длабоко во себе сите изминати години успеа да го зачува детето.
Сакајќи и ние да ѝ упатиме искрени роденденски честитки, на страниците на „Колибри“ пренесуваме едно писмо упатено до неа што деновиве пристигна во нашата редакција. Пријатно се изненадивме кога прочитавме дека нејзината долгогодишна пријателка Иванка Стојкова, со текст посветен на нејзиното плодно творештво, сака да ѝ го честита роденденот.
Се надеваме дека и вие ќе уживате во убавите зборови за Бистрица Миркуловска, барем исто колку и ние.
Инаку, Стојкова за својата работа како наставничка по македонски јазик има добиено над 40 признанија, дипломи, пофалници. Добитничка е на наградата за животно дело од Здружението на просветни работници – литературни творци во 2011 година, а напишала и објавила неколку стихозбирки.
Ви го пренесуваме нејзиното обраќање до нас.
„Почитувана редакцијо на ’Колибри‘, Ви се јавувам со молба да го објавите мојот текст како роденденска честитка на драгата позната писателка Бистрица Миркуловска, ваша верна читателка и денес, во чест на нејзиниот роденден на 14 март.

Како наставник по македонски јазик во ОУ „Кузман Јосифовски-Питу“, Скопје, бев ваш соработник и одговорен наставник за да дојде вашето списание во детските раце во 1980-тите години. Познати писатели, меѓу нив и Бистрица, доаѓаа на литературните читања. Заедно со Бистрица Миркуловска сме активни членови на Здружението на просветни работници – литературни творци на Македонија од неговиот почеток до денес, ги промовираме нашите книги и им ги подаруваме на библиотеките.
Секој вторник Бистрица Миркуловска го чита ’Колибри‘ за да е во постојан контакт со децата и со книгите што се пишуваат за нив.
Ви ја подарувам мојата поддршка за Вашата опстојба до денес, како придонес за идните писатели на литература за деца.
Ваша читателка, а се надевам и соработничка, Иванка Стојкова“.

Навраќање на шестдецениското творештво

Бистрица Миркуловска шеесет години неуморно објавува книги за деца и возрасни што можат да се најдат во библиотеките низ земјава, но и во многу држави во светот. Родена е на 14 март 1930 година во Скопје, завршила Филозофски факултет – група книжевност со македонски јазик, и постдипломски студии од областа на македонистиката. Работела во ОУ „Браќа Миладиновци“, а од 1959 г. до пензионирањето, како професорка по словенечки јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици. Била и лекторка по македонски и словенечки јазик на Масариковиот универзитет во Брно, Чешка. Членка е на ДПМ од 1971 година. Добитничка е на голем број награди за своите книжевни дела, како и за преведувачката дејност.
Првите свои книги, поезија и проза, им ги посветува на децата, со голема љубов на учител и творец. Од големиот број објавени книги, преводи, ги издвојувам книгите за деца: „Цвеќенца“ (поезија за деца, 1960), „Градинче“ (раскази за деца 1962), „Првачиња“ (поезија за деца, 1972), „Празнични виделини“ (поезија за деца,1979), „Виножито“ (раскази за деца 1982), „Ѕвездана“ (бајки, 1986), „Виделина“ (бајка, 1989), „Клучарчиња“ (роман за деца и млади, 1992), „Тополите на крајот од дедовата ливада“ (роман за деца и млади, 2001), „Лице и опачина“ (поезија за деца, 2005), „Цвеќе на мирот“ (роман за деца и млади 2007 г.).

„На писателот за да пишува книги за деца му е неопходна директна средба со нив во градинките, училиштата“, ми се довери Бистрица кога ми ги подари своите последни објавени книги, „Чемер мигови“ (хаику и танки форми, 2019), „Премостување“ (научни трудови и преводи, 2020). Бистрица Миркуловска секогаш ја прифаќаше мојата покана да учествува на литературните читања во чест на патрониот празник на моето училиште ОУ „Кузман Јосифовски-Питу“, Скопје. Заедно го поддржувавме детското творештво на манифестацијата „Курирче“ – Кичево, „Детски лирски треперења“ во Охрид, „Недовршен расказ“ и други во организација на Сојузот за грижи и воспитување на децата на Македонија, „Ракатки, зборник од детски песни“, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија.
Од книгите за деца на Бистрица Миркуловска ја издвоив „Лице и опачина“ (поезија за деца, 2005) за да ги истакнам пораките на авторката искажани низ актуализирање на позитивните и негативните појави во секојдневниот живот.

ПОРАКА ДО СИТЕ ЧИТАТЕЛИ

Мили мои,
малку обмислено и малку вешто,
секогаш ви ги кажувам убавите нешта.
Ама животот – знаете –
не е само убавина,
не е само добрина,
не е само сончевина,
туку има и опачина,
што најчесто ја криеме,
ама некои видливо ја носат,
па дури и со неа се гордеат.

А вие, молам, потрудете
се да одгатнете
што е грдо
што – погрдо,
што – најгрдо!
И обидете се да го престорите
во нешто убаво,
– нешто поубаво
– нешто најубаво!
Кој од вас ќе успее тоа да го стори
за убавината,
за добрината,
за сончевината
се бори…
А јас однапред на таквите
од срце им се радувам –
и сѐ најубаво им посакувам!!!

На децата треба да им се подаруваат книги

Книжарниците и библиотеките секојдневно се збогатуваат со нови изданија на книги за деца, македонската литература за деца продолжува да опстојува и покрај малиот интерес за читање на објавените дела. Зошто децата сѐ помалку читаат? Треба да се бара одговор на ова прашање од многу фактори. Битно, јавно на медиумите се донесе заклучок дека знаењето на децата и младите зависи од читањето книги. Еве, Бистрица Миркуловска со својот личен пример ни покажува дека на децата и младите треба да им се подаруваат книги. Љубовта кон литературата да се негува во семејството, во градинката, училиштето, како што се негуваат детето, цвеќето. Со читање книги децата ќе можат да ги препознаваат лицата и опачините во секојдневниот живот, како што препорачува големиот писател Михаил Енде во „Бескрајна приказна“.
Како поздрав до читателите на „Колибри“, ја цитирам песната на Миркуловска „Каде е патот?“, а нејзината животна врвица е навистина за почит. Оптимизмот и вербата во доброто никогаш не ја напуштија, како ни желбата да пишува и да создава.

КАДЕ Е ПАТОТ?

Како вчера да беше
си одев безгрижно среде –
меѓу мама и тато.
Раното детство мина –
сега си одам без нив
и се прашувам:
– Дали е тоа патот
што ми го посочуваа?
Патот кон светлината
Патот кон иднината?
– Не се плаши, мило,
како да ми вели тато –
внимавај со кого си!
Со кого си – таков си!
Таков ќе ти е патот!
– Не се плаши, мило
како да ја слушам мама –
допри си дланка до срцето:
Имаш ли во него љубов?
Имаш ли во него добрина?
Срцето никогаш не лаже!
Прашај го срцето, тоа ќе каже
каде да одиш, каде ти е патот
посочен од мама и тато!

Иванка Стојкова


Нашите бабички мили

Нашите бабички мили
во детството деца
во младоста
моми – убавици биле!

Па потоа станале жени
на дедовците наши,
станале мајки
на татковците и мајките наши,
тие ги родиле,
со млеко ги доеле,
ги бањале, негувале,
одвиткувале, повиткувале,
со песни ги заспивале
за рака ги воделе –
да не заталкаат.
Како и мајките наши
на работа оделе.
А кога остареле –
бабички наши станале.
Да се потсетиме дека и тие
момички, жени и мајки биле,
па да ги сакаме –
нашите бабички мили!

(Од книгата „Лице и опачина“ на Бистрица Миркуловска)