Белград – Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека Белград е подготвен на „вистински“ компромиси во дијалогот со Приштина, наведувајќи дека признавањето на Косово не може да биде компромисно решение.
– Ако некој рече дека границите се такви како што ги поставуваме, тогаш не гледам желба за компромис – рече Вучиќ по состанокот со специјалниот ЕУ-пратеник за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак. („Политика“)
Приштина – Централната изборна комисија на Косово ги објави конечните резултати од парламентарните избори, според кои, движењето Самоопределување на Албин Курти освои 58 од вкупно 120 места на косовско собрание. Вјоса Османи, што беше на списокот на Самоопределување, доби најмногу гласови, 300.788, а лидерот на таа партија, Албин Курти, не може да се кандидира поради проблеми со законот.
Демократската партија на Косово ќе има 19 пратеници во Собранието, Демократскиот сојуз на Косово 15, а Алијансата за иднината на Косово осум. Српска листа ги освои сите десет места во косовското собрание, гарантирани за српската заедница. Според Уставот на Косово, уште десет места се загарантирани за другите малцински заедници што живеат во Косово, а по две добија Турската демократска партија на Косово и Ромската иницијатива. (РСЕ)
Подгорица – Црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ рече дека Србија „работи неверојатно на нејзина штета“ и додаде дека сега се ослободува духот на омраза од шишето кон Црна Гора и кон сѐ во Црна Гора, поради што односите меѓу двете земји се на најниско можно ниво денес. („Вијести“)
Бисер балкански
Папочна врска
– Во Нови Пазар точно се знае која криминална група има свој судија, точно се знае кои се адвокати, не само бранители на клиентите туку и директна линија кон корумпираните судии. Да ги поддржиме самиот врв на државата и надлежните органи да одат докрај со организираниот криминал. Важно е да се оди докрај, не само во поглед на самите актери туку и на нивните јатаци – рече Муамер Зукорлиќ, претседател на Партијата за правда и помирување, во расправата во српското собрание за изборот на судии, во која порача дека „конечно мора да се прекине папочната врска меѓу криминалците и судиите, криминалците и обвинителите и криминалците и полицајците“.