Во моментов на листите за трансплантација на органи во Министерството за здравство има околу 120 пациенти што чекаат бубрег, 20 што се на листата за срце и исто толку за црн дроб. Сепак, поради пандемијата, насекаде во светот, па и кај нас, бројот на донори е намален
Донирањето органи е највисок чин на хуманост, а трансплантацијата или пресадувањето органи е едно од најголемите достигнувања на модерната медицина. Неодамна и премиерот Зоран Заев рече дека сака лично да придонесе за спасување на нечиј живот и дека му оставил аманет на своето семејство, повикувајќи ги сите граѓани да прифатат дека органодарителството е највисок акт на човечност и ја издига свеста за уште многу успешни трансплантации за излекување и за спасени животи.
– Понекогаш пресадувањето органи и ткива е единствен метод за лекување на болните и спас за животот на некои наши сограѓани. Најголем проблем претставува недостигот од органи и ткива што се соодветни за пресадување и донори. Во таа насока може да придонесе секој од нас. На пример, секој од нас може да се посвети на ширењето на свеста и на едукацијата за донирање органи и ткива. Не постои ништо похумано од тоа некому да му го продолжите животот со донирање орган, а не постои поголемо охрабрување и надминување на стравовите и дилемите за донирањето доколку сите ние повеќе зборуваме за тоа – рече Заев изразувајќи поддршка и солидарност кон оние што чекаат пресадување на органи, како и огромна благодарност на сите дарители и нивните семејства.
Најчесто се трансплантираат бубрези, за да се отстрани потребата од дијализа, панкреас, за да се отстрани потребата од инсулин, потоа црн дроб, бели дробови, срце или тенко црево, кога органот не е во можност да го одржи натамошното преживување на пациентот. Трансплантација е потребна и од коскена срцевина, која се користи за да се возобноват крвните клетки при одредени состојби и по антиканцерогена терапија, како и кожа, за третман на сериозни изгореници и други оштетувања. Пресадување е потребно и на срцеви валвули или артерии.
Трансплантации на органи беа реализирани и минатата година, иако поради пандемијата секаде во светот бројот на донори се намали.
– Минатата година во земјава се направени две трансплантации од починат донор и осум од жив донор и трансплантирани се 13 органи кај возрасни пациенти. Вкупно 12 бубрега и едно срце се трансплантирани кај пациенти што биле на листите на чекање за орган. Со оглед на состојбата во која се најде здравствениот систем поради пандемијата на ковид-19, бројот на донори, како и секаде, во светот беше намален. Во еден период трансплантацијата, како од починат донор така и од жив донор, беше ставена во мирување. Од септември 2020 повторно се почна со оперативната програма. Во моментов на листите за трансплантација на органи во Министерството за здравство има околу 120 пациенти што чекаат бубрег, 20 што се на листата за срце и исто толку за црн дроб. Покрај трансплантациите на бубрези од жив донор и починат донор, кои со години се работат кај нас, од минатата година почна и програмата за трансплантација на срце, а годинава се ќе се почне со трансплантација на коски и коскени ткива, како и со трансплантација на црн дроб од починат донор. Паралелно со развојот на оперативната програма, се планира и спроведување национална кампања за издигнување на свеста за органодарителството -информираат од Министерството за здравство.
Од здружението „Храбро срце“ велат дека се борат со издигнувањето на свеста за органодарителството и имаат кампања за таа цел, бидејќи досега во Македонија е направена само една трансплантација на срце, а тие од мај 2020 година се пациенти на Националната листа за трансплантација за срце и нивните пациенти се на возраст од 13 до 61 година.
– Во нашето здружение имаме некои од пациентите што се на националната листа за трансплантација. Кај нас сите се пациенти што чекаат срце, а се со моментално вградена пумпа/пумпи како мост до трансплантација или евентуално експлантирање на поставената пумпа без трансплантација. Имаме само еден пациент што нема механичка потпора (пумпа во моментов) а е на листата за чекање и е член на нашата организација. Податоците на националната листа за трансплантација со закон е забрането да се објавуваат во јавност. Тоа е практика во целиот свет. Ние како здружение можеме да кажеме само за нашите пациенти што се членови на организацијата. Моментално откај нас има седум сигурно на листата (пациенти со пумпа/пумпи), за другите со пумпи што се скоро оперирани во моментов немаме точна информација. Имаме и член што е на листата, но нема пумпа во моментов и чека срце за директно пресадување. На оваа листа има девојче на 13-годишна возраст, како најмлад пациент што чека срце, нема механичка потпора, туку чека директно пресадување срце -информираат од националното здружение „Храбро срце“, додавајќи дека првиот дел од нивната национална кампања поминал солидно, а очекуваат вториот да биде многу подобар и повлијателен.
Целта им е да имаат што е можно повеќе донори, додавајќи дека крајно време е ова да не биде табу-тема во нашата земја и конечно гласно да се говори за органодарителството, затоа што никогаш не се знае кој ќе биде следен на листата.
Од здружението „Нефрон“ велат дека најголемиот проблем е што ниту трансплантацијата ниту органодарителството кај нас немаат континуитет. Нашиот народ е хуман и сака да дарува, што се потврдува во многу сфери од нашето општествено живеење, но сметаат дека свеста за придобивките од органодарителството и трансплантацијата како спасување на човечките животи може да се зголемува само со споделување успешни приказни и континуирана национална кампања за органодарителство, на кои треба да се работи постојано.
– Дарувањето органи како највисок чин на хуманост и човекољубие е предуслов за развој на трансплантацијата. Во нашата земја трансплантацијата на бубрези е хируршка процедура, која се применува од 1977 година, а досега се извршени трансплантации на бубрези на повеќе од 420 пациенти на дијализа, но тоа е недоволна бројка за сите изминати години и можеме да констатираме дека недоволно е развиена трансплантацијата на бубрези, а пак за трансплантација на други органи речиси и не можеме да направиме процена.
Освен што ланската година сите бевме сведоци на првата трансплантација на срце во нашата земја, што е голем исчекор во медицината воопшто, други трансплантации на органи не се вршат – велат од „Нефрон“ и додаваат дека во Македонија има 1.600 пациенти на дијализа, кои се дијализираат во 23 центри низ државата, а нивниот број перманентно се зголемува, додека годишно во просек се прават по петнаесетина трансплантации. Пациентите со години чекаат и не дочекуваат орган за трансплантација, особено од кадавер. Но за листата на чекање од кадавер, која е значително поголема, времето на чекање е неизвесно и со децении.