Фото: Маја Јаневска-Илиева

ФИЗИЧКАТА НЕАКТИВНОСТ – ПРОБЛЕМ НА ДЕНЕШНИЦАТА

Ако претходно главна причина за прекумерна тежина кај децата беше недостигот од физичка активност, тогаш сигурно додека трае пандемијава на ковид-19 овој ризик-фактор е поголем од кога било. Децата сега не само што се многу малку физички активни туку со часови седат пред компјутерите поради онлајн наставата, но и поради меѓусебна комуникација и играње игри на компјутер наместо физичка дружба и социјализација, кои значително им се ограничија поради состојбите со коронавирусот. Втора причина, секако, може да бидат лошата исхрана и консумирањето брза храна. Недостигот од физичка активност и лошата исхрана уште повеќе го зголемуваат процентот на дебели деца, што потоа може да биде причина и за нарушено здравје. За тоа какви се сега состојбите со децата, кои веќе една година се затворени во своите домови поради пандемијата на ковид-19, што велат резултатите од веќе реализираните систематски прегледи и дали имаме дебели деца, побаравме одговор од Здравствениот дом – Скопје.
– Ние како лекари од систематските прегледи не можеме да изведеме некакви заклучоци за една компаративна анализа колку се нашите деца подложни на дебелеење, ние тоа не го правиме. За тоа е потребен тим од лекари, односно обично такви анализи прават од Институтот за јавно здравје. Она што на систематските прегледи ќе го забележат лекарите го пишуваат во нивните извештаи, ученикот да внимава на исхраната. Но ако можам така да кажам, ако до вчера им велевме на нашите деца да не седат долго на компјутерите и да не бидат со телефоните в раце, туку да одат малку надвор и да имаат некаква физичка активност, сега е спротивното. Компјутерите и телефоните им станаа алатка за меѓусебна комуникација и тоа им ја намали физичката активност што не е добро за нивната телесна тежина. Затоа ние како родители треба да ги советуваме да станат од столче на секој половина час и да се раздвижат и, секако, да го користиме убавото време, со оглед на тоа дека не се препорачливи групните игри, да ги носиме на прошетка во природа да се истрчаат, да возат велосипед и слично.

Грицки и чипсови не смее да бидат секојдневна храна за децата, а појадоците никако не смеат да ги прескокнуваат, а младите често го прават тоа. Наместо чипс, препорачливо е пред нив додека се пред компјутерите да имаат сечкано овошје, а наутро да изедат јаболко, свеж портокал, банана и слично. Млекото не треба да се изостави, бидејќи е добро за витамин Д и важно е за коските – вели д-р Бурак Шабани, советник за примарна и превентивна заштита во Здравствениот дом – Скопје.
Шабани акцентира дека дебелењето кај децата можеби веднаш нема да предизвика сериозни здравствени проблеми, но во подоцнежните години може да предизвика хипертензија, покачени вредности на мастите, проблеми со дишењето, метаболични промени на шеќерот, маснотии, а секако сѐ зависи и од генетиката и навиките.
Од Институтот за јавно здравје, пак, велат дека со оглед на условите досега не се во можност да ја истражат состојбата како влијае оваа пандемија на децата и на зголемувањето на телесната тежина кај нив, но се надеваат дека веројатно следната учебна година кога голем дел од населението ќе биде имунизирано и условите ќе се олабават ќе можат да се истражат и овие состојби.

– Во согласност со податоците на ИЈЗ, во 2019 година 38,4 отсто од децата од второ одделение биле со зголемена телесна тежина, а од нив 18,6 отсто биле дебели. Најалармантна е ситуацијата со децата од петто одделение, кај кои 43,6 отсто биле со зголемена телесна тежина, а од нив 19,5 отсто биле дебели. Процентот на деца со зголемена тежина кај децата од прва година средно училиште е 31,6 отсто, а 12,6 отсто од нив се дебели. Сѐ уште е тешко да се донесат заклучоци како влијае пандемијата на нутритивниот статус кај децата, особено што во согласност со протоколите децата не се во училиште и немаме пристап за да може да се истражи ситуацијата. Се надеваме дека со подобрување на состојбата во следната учебна година ќе може да се направи процена – вели професор д-р Игор Спироски, раководител на Одделението за исхрана при Институтот за јавно здравје. С.К.