Проблемите за екологијата во Македонија одамна се поставени со Студијата изработена и издадена во Швајцарија во 2000 од УНЕП, „Постконфликтна оцена на ЖС – македонска состојба“ (web:http://www.unep.org). Очигледно ништо не ни е јасно. Живеењето во ваква екосредина е опасно, но сѐ уште не е алармантно, не страдаат многу граѓани одеднаш, но тоа дека спонтано многу граѓани заболуваат од нерешените еколошки проблеми е присутно и се затскрива зад другите општествени социјални проблеми што се присутни во државата.
Сега кога имаме средства што може да се пренаменат, треба да ги искористиме за отстранување на депонијата во ОХИС, како приоритетен и најважен проблем. А за решавањето на проблемите од екологијата се изнаслушавме, веќе дваесет години. Депонијата на изомерот е стара веќе педесет години (од 1970 година). Таа загадува не само преку цедењето од неа туку и преку загадувањето на воздухот, испуштајќи лесно испарливи гасни загадувачи. Еден дел од загадувањето на воздухот во Скопје е и од нејзиното присуство. Решавањето на оваа депонија не значи исчистување на дворот на ОХИС. Таму имаме и општа ОХИС-депонија, на која се депонираше сѐ и сешто, многу хетерогени отпадоци. Исто така треба да се изврши чистење по трагите на живата од погонот на електролизата до реката Вардар. Живата не истекува лесно, таа е во некои џебови во каналот до реката Вардар и во погонот за електролиза. Овие загадувања мора да се решат што побрзо, затоа што околу погоните се изградени веќе голем број згради за живеење и проблемот станува сѐ поактуелен за Скопје.
Затоа нема место за носење одлуки на Влада од типот „ако останат пари, ќе ги намениме за решавање на проблемот на ДДТ во погонот на ОХИС“, како 4-та точка од Одлуката за искористувањето на пренаменетите пари од ТАВ. Треба одлука како прва точка за пренамена на парите од ТАВ, за искористување на парите за решавање на еколошките „жешки точки“ на подрачјето на целата држава, поставени во студијата на УНЕП.
Еден од поактуелните проблеми е решавањето на тетовската депонија. Нерешавањето на тој проблем е опасност од загадување на водите на Рашче. Опасно е да се прават депонии по Полошката Котлина. Едвај се извлековме од загадувањето од бихроматниот погон од „Југохром“, со многу отровниот хром (6) во подземните води од погоните. Како потенцијални загадувачи се и контејнерите во старите погони, во кои се чува останат раствор од бихромат. Потребно е да ги решаваме еколошките проблеми што побрзо, затоа што тие може многу да ни го отежнат проблемот на опстојувањето на овие простори, загадувајќи ги почвата, водите и сл.
Според тоа, нема место за одложување на поставените „жешки еколошки точки“ во горенаведената студија за Република Македонија, изработена во рамките на Програмата за ЖС на Обединетите нации (УНЕП).
Што е направено со рудничката депонија од рудникот Лојане. Уште при изработката на студијата имаше укажувања на месното население за загаденоста на изворските води. Уште тогаш се бараше решение на водите околу депонијата и пошироко, поради големата отровност на водата и за луѓето и стоката што ја користат таа вода.
Нерешавањето на депонијата за Гостивар и Тетово за отпадот на разни локации е можност за загадување на водите од изворот Рашче. Генерално, загадувањето на Полог значи закана за загадување на водите од изворот Рашче, а сите знаеме од каква важност е чистотата на водите на Рашче за Скопје. Би рекол оти е тоа од републичко значење. Според тоа, чистотата на Полог, водите на реката Вардар се од републичко значење и не треба да бидат решавани на ниво на општини.
Решавањето на еколошките проблеми е од витално значење за животот на граѓаните и нема место за нивно одложување. Екопроблемите нѐ чинат и сѐ повеќе ќе нѐ чинат. Бидејќи на крајот одлуките за заоставањето на многу екозагадувања досега ги носеше народот (како за топилницата „Велес“ од Велес), изгледа и за оваа ситуација ќе мора да пресуди народот.
Стефан Поцев, проф. во пензија