ПРИЛЕП

Во работна посета на Прилеп деновиве престојуваа заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација со економски сектори и инвестиции, Фатмир Битиќи, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, Јован Деспотовски. На средбата во кабинетот на градоначалникот Илија Јованоски беше разговарано за проектите што општина Прилеп самостојно или во соработка со Владата ќе ги реализира во тековната 2021 година, додека на отворената дебата со претставниците на стопанските субјекти од Пелагонискиот Регион беа отворени повеќе прашања поврзани со проблемите пред сѐ во патната инфраструктура во регионот.
– Целта на состанокот беше да зборуваме за предлозите и идеите што ги дадоа регионалните стопански комори од Прилеп и од Битола, кои беа упатени и до премиерот, вицепремиерот, до Владата, за преземање на сѐ што е потребно за подобрување на инфраструктурата во овој дел од нашата земја. Познато е дека Пелагонискиот Регион заостанува со патната инфраструктура и затоа треба што поскоро да се подобри нејзината состојба – изјави градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски.

Неговата колешка од Општина Битола, Наташа Петровска, кажа дека е факт оти инфраструктурата во Пелагонискиот Регион е запоставена во изминатиот период и дека можеби токму овој состанок со сите засегнати страни, локалната и централната власт и бизнис-заедницата, ќе овозможи да се консолидираат.
Мирко Велковски, претседател на Регионалната комора – Битола, кажа дека Пелагонискиот Регион е втор по големина во нашата земја, со околу 8.300 правни субјекти, 220.000 жители, регион што создава 13 отсто БДП, со 300.000 литри млеко на дневна основа, со 90 отсто од вкупното производство на јаболка, со 65 отсто тутун и со 90 отсто од вкупното производство на енергија.
– Овие бројки би биле уште поголеми ако сите овие барања за подобра инфраструктура, за автопатски решенија, кои 15 години ги доставуваме до Владата, беа реализирани – истакна Велковски.
Министерот Бочварски истакна дека односот со бизнис-секторот го гради врз отворени дијалози.

– Владата е силно фокусирана на модернизација на целокупната патна инфраструктура во Пелагонија. И покрај тоа што наследивме голем број проблеми несвојствени за градежништвото, успеавме голем дел од нив да надминеме – нагласи тој.
На средбата, освен за решавање на проблемите со инфраструктурата, стопанствениците од Пелагонискиот Регион покажаа интерес и за петтиот пакет економски мерки што деновиве ќе ги донесе Владата.