Фото: Игор Бансколиев

Македонија денеска ќе биде зафатена од поларен студ од жолта фаза со ниски температури кои ќе се спушат до минус 18 Целзиусови степени. Според Управата за хидрометеоролошки работи, времето ќе биде претежно ведро и студено, а преку денот сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб северозападен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од -18 до -7, а максималната ќе достигне од -3 до 5 степени.

Во Скопје времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб северозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до -12, а максималната ќе достигне до 2 степени.

До сабота ќе се задржи стабилно време со ниски утрински температури, а дневните ќе бидат во пораст. По одделни котлини во претпладневните часови ќе има услови за појава на магла. Во сабота преку денот и во текот на ноќта кон недела времето ќе биде променливо облачно со локални врнежи од дожд и снег во пониските и снег во повисоките места и на планините. Врнежите ќе бидат со послаб интензитет.

Министерството за здравство препорача граѓаните да носат повеќеслојна облека, соодветни обувки за снег и мраз и почеста консумација на топли напитоци. Комисијата за превенција од штетни ефекти од студени бранови при Министерството препорачува и избегнување алкохол, бидејќи го зголемува ризикот од хипотермија, како и редовно земање на пропишаната терапија кај хронично болните, а во случај на потешкотии со дишењето, се препорачува граѓаните веднаш да се јават кај својот матичен лекар.


Забрани за тешки товарни возила на неколку патни правци

Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови по наместа влажни коловози, а наместа има и остатоци од кашест снег на коловозот. Поради ниските утрински температури можна е појава на голомразица.

Во целосен прекин е сообраќајот на патот меѓу селата Ранковце и Герман, а на неколку други патни правци има забрана за движење за тешки товарни возила.

Авто мото сојузот на Македонија утринава информира дека на патниот правец Тетово – Попова Шапка има забрана за сообраќај за тешки товарни возила и автобуси, на крак Маврово – Дебар има забрана за сообраќај само за камиони со приколка, а од Дебар кон Струга има забрана за тешки товарни возила.

Од АМСМ препорачуваат прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.