Љубљана – Словенечката енергетска компанија „Петрол“ од понеделник ќе започне со наплата за користење на нивните полначи за електрични возила, по седум години бесплатно обезбедување на услугата. Компанијата соопшти дека тоа е важен чекор за понатамошен развој и проширување на инфраструктурата за полнење електрични автомобили во регионот, додавајќи дека има намера да инсталира повеќе од 1.300 станици за полнење до 2025 година.
За возачите што ги полнат возилата на полначите со сила до 22 киловати, цената ќе биде 25 центи за киловат-час. (СТА)

Сараево – Рударите од рудниците за јаглен „Зеница“ и „Бреза“ стапија во генерален штрајк, додека рударите од преостанатите пет компании од концернот на Електростопанство на Федерацијата БиХ, во знак на солидарност со нив, започнаа со едночасовен предупредувачки штрајк. Рударите бараат да се деблокираат сметките на компанијата и да им се дозволи заминување во пензија на колегите што ги исполнуваат условите, но не можат да го остварат своето право поради неплатени придонеси. („Аваз“)

Тирана – Околу 200 приватни куќи во Општина Скадар се поплавени како последица на обилните врнежи од дожд што паднаа претходните денови, но и од излевањето на реките.
Според локални медиуми, повеќе куќи во Општина Скадар и селото Ливаде се без струја и вода. Војската го евакуира населението. („Информер“)


Бисер балкански

Француски ученик

– Знаете ли вие што значи на француски силенс ла-ба – тишина? Ми шепна драгиот Бог да бидам тивок. Инаку, јас сум француски ученик – рече Милан Бандиќ, градоначалникот на Загреб, на средбата со претставници на хрватската репрезентација во пинг-понг, како одговор на прашањата на новинарите што се однесуваа на локалните избори. По завршувањето на службениот протокол, Бандиќ не сакаше да одговара на новинарските прашања и почна да зборува на француски јазик.