Важно вие се забавувате. Со перцепции, дишење во врат, броење чаши вода, со ваксајнс. Мене не ми е забавно. Ама па нема каде да се бега. Отаде овде е уште помалку забавно. Светот се задушува во сопственото лицемерство
Не знам што се случува. Таму надвор, отаде мојот ум и тело. Не следев. Пишував книжевност и селев мебел. Да не го забранија во меѓувреме „Хаклбери Фин“? Како расистички. Затоа што е антирасистички. Така оди тоа сега кај нас на планетава. Среде новата нормалност. Во научната фантастика што ја живееме. И не е забавно како што е кај Реј Бредбери, Филим К. Дик и Вилијам Гибсон.
Хак Фин можеби уште не го забраниле, ама со Македонија добро им оди. Забранувањето. Баш симпатично, нели? Како во времето на Метаксас. Да видам кога ќе започнат со врел зејтин во грло за изговарање Македонија. Забрануваат, казнуваат, се закануваат, приведуваат, малтретираат. Чекам наскоро да излезе некој испран од ум за да ни соопшти дека од денес, се забранува Македонија да се носи во срцето. И не е ова политика. Отсуството на разум и духовност не се мери со политички аршин.
Важно вие се забавувате. Со перцепции, дишење во врат, броење чаши вода, со ваксајнс. Мене не ми е забавно. Ама па нема каде да се бега. Отаде овде е уште помалку забавно. Светот се задушува во сопственото лицемерство. Вреска за расистот Навални, ама молчи за Асанж и Сноуден. Или за политичките затвореници во Каталонија. Смртоносниот вирус се претвори во политичка битка. Здравјето на луѓето е фрлено среде борба за профит на фармацевтските компании. Од ден на ден сè поблиску сме до Откровението на свети Јован Богослов. И баш ни е гајле!
Останува уште бегање во себе. И тоа може да биде проблем. Во себе, со себе, секако си во лошо друштво. Тогаш најпаметно е да пишувам за дождот. Дождот смирува. Дождот успива. Дождот знае да се слева низ олуците на душата. Ама може и да ги вознемири луѓето во редакцијата.
Добро бе Русјаков, малку ни е дождот надвор? Мора да ни врнеш низ колумна? Ај нас, ама и на читателите им врнеш. Да си земат чадор ако не. Додека ти ја читаат врнежливата колумна.
Така ќе си речат. Во моите мисли. Затоа нема да врнам. Ама па тука се раѓа проблем. Не знам што да пишувам.
Кога не знаеш што да кажеш или напишеш, пишувај за секс!
Ете го гласот на разумот. Секс. Па нормално! Кога ќе згаснат темите за разговор, почнуваат муабетите за секс. Тогаш и јас да се фатам за сламката на спасот.
Се враќаат од училиште четворица третоодделенци. Нешто крајно сериозно разговараат.
Првиот: Како рече наставничката? Гоце Делчев се родил во Османлиската Империја, во Грција, во бугарскиот град Кукуш, така?
Втората: Килкис, а не Кукуш. Наставничката рече дека Килкис е град во северниот дел на Грција, држава на Балканскиот Полуостров со главен град Атина и со површина од 131.957 квадратни километри.
Третиот: Така рече. Квадратен корен е операција инверзивна од степенување на квадрат. А квадрат е резултат на бројот при множење со самиот себе.
Четвртата: Себе, себе, себе… Не себе, туку сите. Граѓанско општество за сите. Наставничката рече дека само тоа е вистинското општество. Сè друго е коитус без пенетрација.
Првиот: Зависи од позата. Тоа го рече наставничката. Мисионерската е здодевна. „Доги стајл“ позата во себе има мизогинична конотација. Освен ако не станува збор за дупла пенетрација за време на оргија со еднаква родова застапеност меѓу учесниците при што секако треба се користат презервативи и други средства за заштита од полово преносливи болести.
Втората: Болести, секако. Наставничката нагласи дека религиозниот концепт, за разлика од граѓанскиот е болест на модерното време. Ако свириме по нотите на верниците, ќе се вратиме во средниот век.
Третиот: Нотите, секако. Не ја чув наставничката. Како рече, нотите се создадени во време на импресионизам или експресионизам. Секогаш ги мешам тие правци.
Четвртата: А мешаш и предмети. Музичко и ликовно. Сеедно што се споени во еден предмет со физика, сексуално образование, историја, германски јазик, географија, математика, граѓанско општество, ОТПЛГБТИ, уставно право, статистика и џендеристика.
Океј, морам да ги оставам третоодделенците да пливаат сами низ образованието и дождот. Се фатив во социјална мрежа. А таму се распослала интелектуалната бижутерија. Велат, оние што се против воведување сексуално образование, биле неандерталци. Очекував да залепат етикета и фашисти. Оти, нели, ако мислиш дека неолиберален цреп е интелектуална бижутерија, веднаш си фашист. Така мисли лажната авангарда. Ама види, нов збор, неандерталци. Супер! Не ми пречи. Мене, онака искрено, ама ич не ме интересира образованието. Дури и она старото, извиканото, во кое јас се образовав, не можам да го наречам квалитетно. Па ако беше квалитетно немаше вакви неписмени ликови да бидат власт, елита, авангарда, инфлуенсери, седма сила, експерти и аналитичари. Од друга страна, откако Македонија стана нордистан, не ме интересира ни протекторатов, а камоли образованието во него. Сеедно ми е дали ќе се соединат историја, географија и физичко. Не ме интересира ако се воведе предмет запознавање на природата, општеството и сексот. Сосема сум индиферентен дали ќе има финска бања среде нордистанаскиот ќенеф. Патем две нешта ми се совршено јасни.
Гледајќи генерално (нека ми простат квалитетните) со каков образовен капацитет располагаме, сигурен сум дека и сексот на децата ќе им го направат здодевен. Од друга страна, сум забележал една поразувачка за мене, појава. Кај голем дел од новите генерации гледам отсуство на љубопитност и креативност. Дај боже да грешам, ама мене така ми изгледа. Оттука, ако ги соединиме отсуството на креативност во образовниот процес од страна на професорската фела и младешката незаинтересираност, сигурно ќе создадеме генерации послушници што работат и трошат без страст за живот, каде што личната корист ѝ го зазела местото на љубовта, па сексот е единствен излез од очајот на деструктивноста, ама научен според матрицата на невладини активисти. Ама па токму такви им се потребни.
Затоа, дождот… нека се слева низ олуците на душата.