Кога ќе се сумираат севкупните поместувања на глобалната сцена, вклучувајќи и на Балканот, и ќе се погледнат низ призмата на Македонија, може да се заклучи дека нашата земја „не смее да си дозволи да сурфа или да плови по погрешен геополитички бран“.Македонија треба да биде умешна во одржувањето на курсот на утврдените стратегиски насоки со проактивна балансирана позиција меѓу Истокот и Западот. Но кој го умее тоа?
Како и колку нашата земја ги антиципира геополитичките игри на Балканот
Неколку брода на руската морнарица предводени од фрегатата „Адмирал Касатонов“ неодамна се закотвија на грчкото пристаниште Пиреја, близу Атина. Пристаништето е во владение на кинеска државна компанија. Според информација од грчките медиуми, руските воени бродови на овој начин се доближиле на само пет наутички милји од првата поморска воена база на грчката морнарица. Во тој контекст, на пример, грчкиот медиум
„Катимерини“ констатира и дека ова не е првиот случај кога странски воени бродови, особено оние на САД и на Франција, пристигнувале на грчките пристаништа, но исто така издвојува дека компании од САД, Русија, Германија, Италија, Израел, но и други земји на големо се активни во пристаништа низ цела Грција.
Дипломатски експерти за медиумот коментираат дека овие настани се должат на големиот светски интерес за ресурси на енергенти, кој добил динамика по неодамнешните судири меѓу Грција и Турција во Медитеранот за експлоатирање на природниот гас. Одговор на овие актуелни теми „Нова Македонија“ побара од видни странски и домашни аналитичари што ја разбираат геополитиката и кои имаат искуство при анализата на вакви случувања иницирани од одредени центри на моќ.
Македонија да не „фаќа фреквенции на бранови“ само на една светска суперсила
Универзитетскиот професор и геополитички аналитичар Сем Вакнин во својата констатација на темата вели дека пандемијата на ковид-19 го забрзала развојот на настаните, односно придонела да опаѓа американското влијание и истовремено да се подига влијанието на и онака историски доминантните евроазиски политики предводени од Русија и нејзиниот нов сојузник Кина.
– Русија во регионот продава оружја не само на Србија туку и на самото НАТО, односно на Турција. Оваа земја се устоличи себеси како важна дипломатска сила и на Блискиот Исток, каде што освен што дејствува во Сирија, активна е и дури и во Израел. Истовремено оваа земја сега се издига и како технолошки гигант и научна сила што е евидентно и во случаите поврзани со вакцината против коронавирусот и околу хакирањата – вели Вакнин.
Тој додава дека, од друга страна, Кина сега се преструктурира од строго ориентирана економска суперсила кон воена.
– Оваа земја во моментов купува критична и исклучително важна инфраструктура од повеќе области во Грција, Африка и во Латинска Америка. Кина е земја што практикува „мека моќ“ и таа истовремено успеа да ги изненади, па дури и можеби да ги надмудри и САД во повеќе области во дејствувањето на социјалните мрежи, интернационалните плаќања, ширењето пропаганда…. Колку овие политики се успешни докажува фактот дека БДП на Кина е приближно ист со оној на САД и на ЕУ – вели Вакнин.
Геополитичкиот аналитичар вели дека кога ќе се сумираат сите овие факти и ќе се погледнат низ призмата на Македонија, може да се заклучи дека земјата не смее да си дозволи да сурфа или да плови по погрешен геополитички бран.
– Земјата треба да одржува неутрална позиција меѓу Истокот и Западот, дури и сето тоа да е по цена на одложување на членството во Европската Унија и аспирациите за овој процес – вели Вакнин.
Професорот поентира дека Македонија би требало да дејствува слично на Швајцарија и нејзиниот модел за водење политики, чии врати му се отворени секому.
Вакнин резимира дека Македонија треба да ги прифати сите индустрии од кои може да профитира и да не дозволи да застане на страната на само една светска сила, а во тој процес да напредне во индустријата за нудење на карго-сервисите, на зелената агрикултура, на медицинскиот туризам, на офшор-банкарството, на компјутерското кодирање и ИТ-операциите.
На Македонија ѝ претстои период на носење битни одлуки
Во свој осврт за „Нова Македонија“, Илија Рубанис, грчкиот владин советник за политички прашања, вели дека во моментов на Балканот повеќе од кога било економски, но и политички се прекршуваат копјата на повеќе светски суперсили.
– Кина со забрзано темпо изминативе години ги откупува пристаништата во Грција. Тоа не се должи на фактот дека и во минатото немало ваков кинески интерес на Балканот, туку сега можностите за овој процес имаат поголема динамика. Во претходните години повеќе балкански држави, меѓу кои и Македонија, негуваа тесна економска соработка со Кина, особено онаа на иницијатива 15+1. Оваа иницијатива беше предводена од Полска, а во неа, за жал, ја немаше Грција. Па оттука директната економска комуникација во моментов во Грција од Кина, особено по купопродажбата на атинското пристаниште Пиреја, се должи пред сѐ на фактот дека на некој начин се надградува досегашната кинеска економска врска со земји од Балканот. Натаму, возможно е оваа форма во иднина економски да се промени ако Полска, поради нарушените релации со Кина, го напушти тимот и биде комплетно заменета со Грција.
– Регионално гледано, влијанието на Кина во економска смисла на зборот во моментов е под ривалство единствено на САД, кои имаат своја иницијатива именувана „Блуд Дот“ што по многу нешта личи на „Патот на Свилата“ и минува низ истиот коридор. Но американската опција што е финансирана од јапонски средства, засега останува само на хартија и во практика не може ниту да се спореди со онаа на Кина – вели Рубанис.
Тој истакнува дека од македонска перспектива овие настани се многу битни од економски аспект.
– За вашата земја во моментов е битно да се знае дека таа може да профитира многу и од кинеското влијание, но и од она на САД, кое не стигнува од Јадранот, туку од Црно Море во регионот. Македонија би можела да профитира економски доколку успее да развие индустрија за поддршка и сеопфатен транспорт, на сѐ што би можело да мине низ државата и да се упати преку Балканот кон Централна или Источна Европа – вели Рубанис.
Познавачот на случувањата вели дека не забележал голема активност на властите во Скопје на оваа проблематика и советува дека нивното навлегување во проблематиката кога сѐ уште се кројат процесите со суперсилите може единствено да донесе профит за земјата.
– Ако се постапи правилно и државнички, Македонија може да има силна бенефиција од овие настани. Токму затоа верувам дека оние што раководат со државата во моментов се пред процес на донесување тешки одлуки како да се позиционираат и пред САД и пред Кина – заклучува Рубанис.
Мудри чекори по безбедносни и економски траектории
Пецо Трајкоски од форумот за истражување безбедносни политики „Секуритас“ вели дека економските и безбедносни судири на суперсилите на Балканот се т.н. традиција на овие простори и државите од регионот, меѓу кои и Македонија, навикнале да соработуваат или да им контрираат на различните центри на моќ.
– Безбедносно и политички гледано, целата државна независност на модерна Македонија се должи пред сѐ на блиското партнерство што го градиме со Америка по сите прашања. Па оттука може само да се констатира дека безбедносно ние припаѓаме во оние кругови на геополитиката каде што САД го имаат главниот збор, односно НАТО – вели Трајкоски.
Според него, и други сили дејствуваат во регионот во безбедносна смисла на зборот, а како таква може да се истакне пред сѐ Русија.
– Македонија има одлични релации со Русија, но иако ние не соработуваме безбедносно со оваа земја имаме одлични економски, културни и здравствени врски. Кина, од другата страна, е земја што многу економски значи и за Балканот, но и за нашата држава, бидејќи практикува т.н. мека моќ, во чиј опсег економски влегуваат и делови од нашите економски гранки – вели Трајкоски.
Безбедносниот аналитичар додава дека ништо помалку во своето влијание во регионот не треба да ги издвојуваме ниту ЕУ ниту Турција.
– И двата центри на моќ имаат значителен импакт во регионалната и во домашната политика и се обидуваат да влијаат од своја перспектива на настаните исто како и САД, Русија и Кина – вели Трајкоски.
Тој заклучува дека во светлото на активните процеси, Македонија мора да биде многу внимателна како ќе се постави и како ќе чекори по економските и по безбедносните траектории бидејќи сме мала земја што, во ова време на глобализација, сакала или не активно учествува во сите активни геополитики.
Самодовербата е неопходна во меѓународната геополитика
Чешкиот универзитетски професор Михал Вит во своја анализа за актуелните геополитички процеси во регионот, во која се вклучени влијанијата на повеќе светски центри на моќ, забележува дека сега е време Македонија да донесе одлучни чекори и да не импровизира во своите политики.
– Последниот развој на случувањата покажа дека посветеноста на Македонија на патот кон евроинтеграциите го загорчува прогресот на некои други субјекти од центрите на моќ распоредени паралелно со т.н. Запад. Оттука за мене се пресудни минатогодишните политики на Македонија, кои имаа јасна прозападна ориентација и кои економски, но и политички докажаа во кој кампус на држави припаѓа земјата. Самодовербата во меѓународната политика е многу битна работа, а мала земја како Македонија го истакна токму спротивното и не потклекна (економски и политички) на влијанија што му се спротивставуваат на оние на Западот – резимира Вит.