Светската здравствена организација (СЗО) денеска објави дека вакцината на „Астразенека“ може да се дава и на лица постари од 65 години, пренесува Би-би-си.
Експертите на СЗО велат дека вакцината на „Астразенека“ треба да се користи и во земјите каде циркулираат варијанти на коронавирус што ги прават вакцините помалку ефикасни.
Поголемиот интервал помеѓу две дози од вакцината на „Астразенека“ ја прави истата поефикасна, сметаат експертите на СЗО.
Стратешката група на специјалисти за имунизација на СЗО, попозната како SAGE, ги разгледувала податоците собрани од клиничките испитувања на вакцината.
Нивните привремени препораки велат дека таа има ефикасност од 63%.
Но, податоците од клиничките испитувања во Јужна Африка велат дека вакцината нуди минимална заштита од благи и умерени форми на ковид-19. Имено, варијантата на вирусот која циркулира во таа земја мутирала на начин што му помага на вирусот да избегне создавање имунитет преку вакцини или претходна инфекција.
Научниците од Оксфорд, кои беа вклучени во развојот на вакцината на „Астразенека“ очекуваат дека истата треба да спречи вакцинирани лица да добијат потешки симптоми на ковид-19 или да завршат во болница.
– Нема причина поради која употребата на вакцината на ‘Астразенека’ не треба да се препорачува во земји каде кружат нови варијанти на коронавирус – рече доктор Алехандро Кравијото, директор на експертската група на СЗО.