„Нула отпад“ е термин што станува сè попопуларен во последните децении. Според утврдената дефиниција, тоа е збир на принципи што се фокусираат на спречување на создавањето отпад преку поттикнување за редизајн на животниот циклус на производите, така што тие би се користеле повторно и повторно, а не да завршат во депонии. Станува збор за животен стил во кој целта е да не се создава отпад. Затоа што бројките се застрашувачки. Еден просечен европски граѓанин фрла дури 174 килограми амбалажа за една година, односно пластика, хартија, картон и стакло… А каде се остатоците од храна, текстил, електроника, мебел…
Дали сте слушнале за „нула отпад“?
Светот соочен со пандемијата на коронавирусот одбра да ги стави на страна, барем привремено, сите други помали или поголеми проблеми со кои се соочува, обидувајќи се да се извлече со што помалку лузни од новонастанатата ситуација. Но дури и во такви услови, кога трката по вакцини и лекови и нивна успешна примена за спас на човештвото напредува, некои работи што нѐ опкружуваат и нѐ окупираат не можат да се остават на страна или едноставно да се скријат под чергиче.
Зборуваме за загадувањето, секојдневната борба да излеземе накрај со него, затоа што бројките се немилосрдни, а бројката на починати како последица на загадувањето е крајно загрижувачка, па затоа, разбирливи се напорите на научната заедница да се откријат причинителите, да се дефинираат штетните последици и да се најдат излезните решенија. Во една таква ситуација, еден мал сегмент од овој сериозен проблем, заслужува должно внимание. Особено што во светот добива сѐ поголем број приврзаници, кои се обидуваат да се држат до новите правила, а медиумите му посветуваат сѐ повеќе простор, свесни дека големите проблеми започнуваат да се решаваат со мали чекори.
За овој проблем деновиве пишуваа и некои медиуми во поблиското и подалечното опкружување. Така, загрепски „Јутарњи лист“ укажува на статистика што е поразувачка, насекаде и на сите нивоа. Според некои процени во САД, американските граѓани на секоја секунда пијат по 1.500 пластични шишиња вода, а 80 проценти од нив, иако тие можат да се рециклираат, ги фрлаат во ѓубре. Многу поблиску до нас, на европскиот континент – дали знаевте дека просечен европски граѓанин фрла дури 174 килограми амбалажа за една година, односно пластика, хартија, картон и стакло… А каде се остатоците од храна, текстил, електроника, мебел…
Секој од нас може да даде придонес
Навистина бројките се застрашувачки, но весникот прави напор да укаже на еден поинаков пристап – да се позанимава со она што секој од нас може да го стори во секојдневниот живот за да ја подобриме состојбата барем малку. Решението доаѓа во форма на англиски израз „zero waste “, односно во превод „нула отпад“.
Станува збор за термин што станува сè попопуларен во последните децении. Според утврдената дефиниција, тоа е збир на принципи што се фокусираат на спречување на создавањето отпад преку поттикнување за редизајн на животниот циклус на производите, така што тие би се користеле повторно и повторно, а не да завршат во депонии. Или во идеална ситуација, да завршат во центрите за рециклирање. Едноставно кажано, нула отпад значи спречување на отпадот од самиот почеток, така што дури да не треба да размислуваме за управување со отпадот.
Но што би значело тоа на конкретни примери? Бидејќи ги има многу – а повеќето од нив се, патем кажано, навистина многу едноставни и многу лесни за примена – за почеток ќе наведеме неколку.
На пример, посакувате колачи, но останавте без ореви. Се разбира, ќе одите да купите, но во „светот на нула отпад“ сè се сведува на начинот на кој ги купувате. Значи, без размислување, дали само ќе го земете првиот пакет ореви од полица или, пак ќе се решите за рефус опцијата (и ќе ги ставите оревите, на пример, во вашата торба за повеќекратна употреба за производи, како оние што може да ги купите денес во поголемите продавници). Исто така, дали воопшто ја зедовте вашата платнена (или пластична) торба од дома, во која може да ги носите оревите и другите производи, или едноставно ќе купите ново пластично ќесе на каса?
Или веќе споменатото шишенце со вода… Дали ќе земете сопствено шише од дома и ќе го полните по потреба или секогаш ќе купувате ново пластично шише за секоја „жед“?
Или да речеме облека. Ви се искинаа фармерките. Ќе побрзате во трговскиот центар за нови? Или, во согласност со „принципите“ на нула отпад, прво ќе проверите дали можете да ги однесете на поправка или, пак, ќе ги прекроите и ќе направите од нив шорцеви за во лето, на пример. Ако ова не е можно, дали ќе барате нови во продавница „од втора рака“? Или можеби целосно ќе се воздржите од купување затоа што имате уште десетина пара панталони во плакарот, а некои дури и необлечени?
Не само да не го фрламе туку и да не го создаваме
Очигледно, прифаќањето на филозофијата за нула отпад носи „позелени“ и поодржливи одлуки во секојдневниот живот, така што не размислуваме само за тоа како ќе го фрлиме отпадот што неминовно излегува од нашето домаќинство туку дека во согласност со нашите можности работиме во насока на невнесување отпад во домаќинството, односно да не го создаваме.
Се разбира, во нашиот потрошувачки свет денес идеалот за нула отпад е речиси невозможно да се постигне. Но ние имаме огромна моќ да се приспособиме на соодветно однесување и навики што навистина можат да направат голема разлика.
Самата идеја за нула отпад започна да добива публицитет во 1998 година, но до 2009 година се работеше пред сѐ за опишување практики во производството и управување со отпад. Истата година, концептот започна да се претвора во вистинско движење, благодарение на Беа Џонсон.
Таа е Французинка што живее во Америка и одлучи да го примени концептот на нула отпад на своето четиричлено семејство и едно куче, а своите искуства ги објави на блогот „Дом без отпад“. Потоа ја напиша книгата „Дом без отпад: Водич за поедноставување на животот со намалување на отпадот“, преведена и објавена на 25 јазици. На нејзиниот официјален сајт се наведува дека книгата е преведена и на македонски, но кога ќе се кликне понудената икона, книгата не може да се најде. Очигледно станува збор за некој мал технички проблем што би требало да се отстрани.
Во книгата таа го опишува сопствениот животен пат за „нула отпад“ со конкретни примери што ги применува во секојдневниот живот.
Со текот на времето, ова дело, сега преведено на десетици јазици, започна да се нарекува „библија“ на нула отпадот, а Беа стана светски позната. Таа, исто така, одржа говори на темата „Нула отпад“ во Обединетите нации и во Европскиот парламент, што инспирираа илјадници и илјадници луѓе низ светот. Но дури и тоа не е сè. Таа ги поттикна луѓето да започнат свои блогови, да формираат компании и да започнуваат занаети засновани на нула отпад, односно да основаат невладини организации што ќе се занимаваат со оваа идеја.
Денес нејзиниот блог на социјалните мрежи го следат над 700 илјади следбеници, нејзините книги се преведени на 28 јазици, таа лично има настапено како говорник во 70 земји каде што ги има претставено своите принципи на работа и основите на движењето, а има гостувано во над 100 телевизиски емисии како експерт. И покрај пандемијата, таа се наоѓа на турнеја низ САД и Канада што започна во септември 2019 и е предвидено да трае до септември 2022 година.
Благодарение на неа и следствено на сè попопуларното движење што се претвори во животен стил, практиките за нула отпад во своето работење започнаа да ги вградуваат и големите компании. Нулта отпадот, застапуван од Беа, се заснова, како што и претходно навестивме, на промена во однесувањето на поединецот, за што таа најдобро сведочи со сопственото искуство.
Беа опишува како таа и нејзиното семејство живееле во „стапицата на американскиот сон“. Имале огромна куќа чии соби требало да се наполнат со безброј парчиња мебел, гаража за три автомобили, многу работи што воопшто не ги користеле. Поминувале многу време во автомобил и во трговски центри, недоволно во природа, на патувања или во занимавање со активности што би ги исполниле. Големата куќа, соодветниот двор околу неа и натрупаните работи барале внимание и време. Однадвор, признава таа, се чинело дека имаат сè, но однатре тоа не било доволно. На крајот одлучиле да се преселат. Во периодот на транзиција, додека барале нов дом, во привременото сместување со себе ги зеле само основните работи, а сè друго спакувале во складиште.
Им робуваме на нештата што воопшто не ги користиме
Одеднаш, сè почнало некако да си доаѓа на свое место. Спакуваниот куп работи воопшто не им недостигал, поминувале сè повеќе време во квалитетни активности што ги исполнувале, меѓу другото и во учење. Во овој контекст, тие почнале да се информираат и за еколошки теми.
– Првпат почнавме да сфаќаме не само колку сериозно е загрозена нашата планета туку и како нашите секојдневни одлуки ги влошуваат работите за нашиот свет и светот што ќе им го оставиме на нашите деца. Сфативме какви несовесни граѓани и потрошувачи станавме – тврди Беа.
Но со текот на времето, сето тоа се променило. За неколку години тие се ослободија од 80 проценти од својот имот. Количеството ѓубре што го произведуваат годишно го сведоа буквално на минимум – колку што собира една обична тегла (!).
Таа вели дека нивните животи станале поедноставни, посреќни, поздрави, полни со искуство на ослободени вишок работи. Заштедите биле исто така значителни – тие ги намалиле годишните трошоци на нивното домаќинство за 40 проценти.
Сево ова го сторија благодарение на следниве чекори, и тоа точно по ваквиот редослед: отфрлање на она што не ни треба, намалување на она што не ни треба, повторна употреба на она што го консумираме, рециклирање на она што не може да се отфрли, намали или повторно да се употреби) и гниење, односно компостирање.
– Домот треба да биде свето место. Ние, мајките, татковците и граѓаните, имаме право, ако не и должност, а дефинитивно моќ, позитивно да го смениме светот преку нашите секојдневни одлуки и постапки. Посветлата иднина започнува дома – тврди Беа Џонсон на почетокот на својата книга.