Сите 507 тенисери и вработени на Австралија опен што престојуваа во хотел во карантин имаа негативен тест и добија дозвола да учествуваат на гранслем-турнирот што почнува в понеделник, пренесе „Ројтерс“
Новак Ѓоковиќ ќе ја почне одбраната на титулата на тенискиот гранслем-турнир Австралија опен против Французинот Џереми Шарди, а актуелната шампионка Софија Кенин се среќава со Медисон Инглис, според ждрепката за првиот гранслем-турнир во годината.
Светскиот рекет број еден Ѓоковиќ минатата година ја освои осмата рекордна титула во Мелбурн, совладувајќи го Доминик Тим, кој е трети носител и кој во првото коло ќе се соочи со Казахстанецот Михаил Кукушкин. Рафаел Надал ќе се сретне со Србинот Ласло Ѓере. Надал и Роже Федерер, кој не игра годинава во Мелбурн, по операцијата на коленото, имаат по 20 гранслем-титули. Победникот на финалето на АТП, Даниил Медведев, кој загуби во четвртото коло во претходните две години, се среќава со Канаѓанецот Васек Поспишил, а меѓу себе ќе играат младите Јаник Синер и Денис Шаповалов. Петтиот носител Стефанос Циципас игра со францускиот ветеран Жил Симон…
Највисоко рангираната Ешли Барти ја продолжува својата потрага да стане првиот домашен победник во сингл на Австралија опен од 1978 година. Таа во 1. коло игра со Данка Ковиниќ. Американката Серена Вилијамс, која е во трка по рекордниот 24. гранслем-трофеј, ќе се сретне со Лаура Зигемунд во воведната рунда. Наоми Осака, шампионката во 2019 година, во 1. коло игра со поранешната четвртфиналистка Анастасија Павлјученкова. Втората носителка Симона Халеп од Романија, финалистка во Мелбурн пред три години, ќе игра со Лизет Кабрера, а петтата носителка, Украинката Елина Свитолина ќе се соочи со Мари Бузкова. Ига Свјонтек, која минатата година ја освои титулата на Ролан Гарос, се среќава со Аранча Рус од Холандија…
Сите 507 тенисери и вработени на Австралија опен што престојуваа во хотел во карантин, каде што работник беше позитивен на коронавирусот, имаа негативен тест и добија дозвола да учествуваат на гранслем-турнирот што почнува в понеделник, изјави во петокот директорот на турнирот Крег Тајли, пренесе „Ројтерс“.
Властите одобрија по 30.000 навивачи дневно на гранслем-турнирот, околу 50 отсто од капацитетот.