Осмоодделенецот од основното училиште „Ванчо Прке“ во Штип, Дамјан Давков, го освои првото место на државен натпревар по математика, но не доби државна парична награда. Образложението од Министерството за образование, потпишано од министерката Мила Царовска, наједноставно кажано, гласи „нема награда за ученикот, оти натпреварот бил за средношколци“.
Парична награда нема ниту за неговиот ментор, наставникот кој го подготвувал осмоодделенецот за натпреварот, бидејќи бил наставник во основно, а не во средно училиште.
Зошто на еден талентиран осмоодделенец му било дозволено да учествува на натпревар за средношколци, да освои прво место, а притоа да не ја добие заслужената парична награда, е прашањето кое јавноста го упати до Министерството за образование, со низа критики за законските регулативи во земјава во однос на овие прашања.
Од Министерството за образование одговараат дека повторно ќе го преиспитаат случајот, а по жестоките реакции во јавноста, било одлучено ученикот да добие 15 илјади денари од Општина Штип и признание за почесен граѓанин на општината.
– МОН презема обврска за повторно да го преиспита целиот случај околу постапката за доделување на парична награда за ученикот и наставникот ментор, но и постапката и начинот на кој е организиран самиот натпревар од страна на здружението на наставници кое ја има акредитацијата за организирање на натпреварите по математика. Несомнено дека се работи за талентиран ученик кој заедно со својот ментор вложиле многу труд за постигнување на успехот на државниот натпревар на кој учествувале. Но, законската регулатива не дозволува тие да го остварат правото за кое аплицирале во МОН. Сепак, во соработка со локалната самоуправа во Штип, ученикот ќе биде поддржан со еднократна парична награда од 15 илјади денари и признание за почесен граѓанин на општината – велат од ресорното министерство.