Она што ги поврза и двајцата уметници што ненајдено и неочекувано починаа – Мира Фурлан и Љупчо Тодоровски-Упа, е првото издание на фестивалот „Киненова“ во 2016 година. Во чест на овие големи луѓе, големи за светот, а особено значајни за започнувањето, заживувањето и постоењето на филмскиот фестивал „Киненова“, фестивалски тим сака да им се оддолжи, славејќи ги нивното дело и живот.
Мира Фурлан беше добитничка на првата награда за особен придонес во филмската уметност, на првото издание на фестивалот, а Љупчо Тодоровски-Упа – првиот уметнички директор. Директорот на фестивалот, Небојша Јовановиќ, се присетува на тие денови.
– Мира Фурлан е дел од зачнувањето на овој наш голем сон наречен „Киненова“ и затоа нејзината енергија и поддршка што ни ги даде се нешто што е неодвоиво од фестивалот и од мене. Таа знаеше за тоа, но со голем жар одлучи да дојде и да ја посвети таа недела само за Македонија, за нејзината македонската публика, за славењето на нејзиниот придонес во филмската уметност.
Веруваше во нашата љубов кон уметноста и нејзиното дело. Сите што биле во директна комуникација со Мира Фурлан знаат дека ја допреле вечноста и биле блиску или во допир со еден непресушен извор на животна енергија – вели Јовановиќ.
Вториот голем и особено важен човек, кој нѐ напушти деновиве, е Љупчо Тодоровски-Упа, кој беше уметнички директор и еден од основачите на фестивалот.
– За мене, а и за фестивалот, Упа беше секаква поддршка во секое време. Се восхитуваше на мојата идеја и заедно почнавме да го сонуваме сонот и да ја играме играта на уметноста. Не беше едноставно, бараше жртви, но никогаш не се откажа. Беше гооолем сонувач, толку голем што често на многу помлади од него им го поддржуваше и хранеше сонот. И мене. Тој беше човек што отвораше врати. Неверојатен извор на енергија – вели Јовановиќ.