Земјите од регионот стануваат колатерална штета во глобалните игри на големите
фармацевтски компании и на економски помоќните држави за добивањето на првите пратки на вакцините. Резултат од ова е ограничениот број на вакцинирани лица на Балканот, особено во земјите што целосно беа поврзани со заедничкиот
систем на ЕУ
Кризата со која се соочува Европската Унија со ненавремената испорака на вакцините се одразува и на почетокот и на динамиката на вакцинацијата на населението во земјите од Западен Балкан. По сѐ изгледа, земјите од регионот стануваат колатерална штета во глобалните игри на големите фармацевтски компании и на економски помоќните држави, за добивањето на првите пратки на вакцините. Резултат од ова е ограничениот број на вакцинирани лица на Балканот, особено во земјите што целосно беа поврзани со заедничкиот систем на ЕУ. За разлика од нив, во Србија, која се одлучи и имаше полиберален пристап во договарањето и одобрувањето на вакцините од различните производители во светот, имунизацијата на населението се одвива во забрзана динамика.
Во Босна и Херцеговина сѐ уште не се стигнати вакцините против коронавирусот. На социјалните мрежи се нижат критиките и коментарите на граѓаните, кои бараат одговорност од надлежните институции во Федерацијата БиХ и во ентитетот Република Српска. Наместо реална вакцинација, здравствените власти само прават планови за вакцинацијата, која е неизвесно кога ќе почне. Имунизацијата на граѓаните стана предмет и на политичка пропаганда за тоа кои вакцини да се набават. Во парламентот на ФБиХ беше одбиен предлогот да се купат само вакцини што се одобрени само од Европската Унија. БиХ преку механизмот Ковакс нарача 1.232 милиони дози вакцини, а преку системот на ЕУ се нарачани дополнителни 892 илјади вакцини од два производитела.
Бранислав Зељковиќ, директорот на Институтот за јавно здравје на Република Српска, најави дека првите вакцини се очекуваат да пристигнат во половината на февруари. Во овој ентитет се набавени 400 илјади дози од руската вакцина за 200 илјади граѓани. Процедурите за прием на вакцините од Русија ќе бидат завршени во текот на оваа недела, а не се знае бројот на дозите преку системот Ковакс.
Во Хрватска досега се вакцинирани над 70 илјади граѓани, а од нив втората доза од производителот „Бионтех-Фајзер“ ја примиле помалку од 12 илјади лица, пишува „Слободна Далмација“. Националниот кризен штаб за спречување на епидемијата беше критикуван затоа што дозволи во првата група на вакцинација да бидат министрите, градоначалниците, пратениците и судиите наместо приоритет да им се даде на ризичните групи граѓани. Но оваа одлука беше бранета со тоа дека на овој начин се врши кампања за вакцинацијата, по сомневањата кај дел од граѓаните за исправноста на првите вакцини против ковид-19.
Во Словенија вакцината на „Фајзер“ ја примиле околу 48.000 луѓе. Ова е мала бројка на вакцинирани, ако се има предвид дека бројот на новозаразени лица сѐ уште не паѓа. Поради застојот на испораката на вакцини се одложуваат и плановите за вакцинацијата на населението, кое ги изработи владата на Јанез Јанша.
Организирана вакцинација не се спроведува ни во Црна Гора. Оваа земја е на врвот на листата по бројот на заразени лица. Од 600.000 граѓани, заразени со коронавирусот се 50 илјади, додека се регистрирани и 700 смртни случаи. Министерката за здравство Јелена Боровиќ Бојовиќ претходно најави дека вакцинацијата во ЦГ ќе почне кон крајот на јануари.
На балканскиот простор Србија е лидер според бројот на вакцинирани граѓани. Досега се вакцинирани 256 илјади граѓани. Од српското министерство за здравство информираат дека располагаат со околу 600 илјади дози. За подобар опфат во вакцинацијата граѓаните треба да се најават, по што добиваат информации за времето и местото на вакцинацијата. Дневно во Србија се вакцинираат од 15 до 20 илјади лица. Успешната акција се состои во претходната и навремена подготовка на државата при набавката на вакцини, а познато е дека Србија дозволи граѓаните да избираат која вакцина да ја примат. На листата на вакцини се пет производители од Запад, Русија и Кина.
Министерот за здравство на Македонија, Венко Филипче, на почетокот на годинава најави дека ќе се вакцинираат над еден милион граѓани. Нашата држава, која доцни со набавката на вакцините, очекува преку три механизми да добие по 800 илјади дози против коронавирусот. Првата пратка се очекуваше кон крајот на месецов или на почетокот на февруари. Првите 5.850 дози вакцини на „Фајзер“ ќе стигнат во февруари, потоа ќе следува пратка со поголемо количество во март и април, а динамиката за цела 2021 година дополнително ќе се утврдува.
Министерството за здравство се потпираше на ветувањата на Бугарија и на Грција за испраќање определен број вакцини од нивните квоти, но тоа досега не беше реализирано. Поради неусогласеноста на законската регулатива, Македонија не можеше да ја прими и помошта во вакцини од Србија! Планот е да се вакцинираат едeн милион и двесте илјади граѓани, или 60 проценти од населението. Надлежните сметаат дека тоа е доволно за да се создаде колективен имунитет.