Во деновите кога во Битола опаѓа бројот на позитивни лица на ковид-19 и кога бројот на хоспитализираните лица во Инфективното одделение во Клиничката болница е
буквално преполовен, деновиве и покрај временските неприлики забрзано се одвиваат работите за изградба на модуларниот ковид-центар.
Модуларниот ковид-центар, кој ќе има капацитет да згрижи на лекување најмалку 90 пациенти, освен со средства на Министерството за здравство, се гради и со донации на Општина Битола, како и на јавните комунални претпријатија и на АД ЕСМ.
Во изминатиот период Општина Битола и битолските јавни претпријатија активно беа вклучени во поставување на канализацискиот и водоводниот систем од страна на КЈП
„Нискоградба” и ЈКП „Водовод”. За изградба на модуларната ковид-болница, двете јавни комунални претпријатија донираа по 1.500.000 денари.
Свои средства донира и Општина Битола, која со одлука на Советот издвои вкупно 40.000 евра за изградба на модуларната ковид-болница.
За изградба на модуларната болница значајни средства издвои и АД ЕСМ, која парите што им беа планирани за рекламен материјал за Нова година, во износ од 2.400.000
денари ги пренасочи за изградба на ковид-центарот.
Инаку, модуларниот ковид-центар во Битола, кој ќе зафаќа површина од 1.000 квадратни метри, се реализира од страна на Министерството за здравство и Општина Битола, а се состои од поставување три модуларни градби, од кои две наменети за интегриран тријажен центар, со стационар и една модуларна градба со независен тријажен центар.
Ковид-центарот ќе биде опремен со најсовремени апарати за лекување позитивни лица на ковид-19, а ке бидат поставени и апарати за кислородна поддршка. М.М.