Изложба на дела од Снежана Малетин ќе биде отворена вечерва, во 20 часот, во ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“. Уметницата од Нови Сад, која живеела и во Прилеп, ќе се претстави со дела создадени во периодот од 2015 до 2016 година, кои се резултат на истражување на безбедни и нетоксични материјали во графичките техники.
– Некои од графиките се работени како монотипии, директно сликани на линолеум со бои за печатење на водена база, а некои од нив се комбинирана техника со литографија или само литографија на алуминиумска фолија што се користи во домаќинство. Третирани со материјали што исто така ги користиме во нашето опкружување и секојдневно, како што се сапунот и маслото. Оттука и името литографија од кујна – вели Малетин.
Според Владимир Вукас, историчар по уметност, во графиките на Снежана Малетин тематска основа се слики на град, односно слики на урбаниот градски пејзаж, кои таа ги бележи, ги пренесува на хартија користејќи го својот богат и систематичен ликовен јазик како врвен графичар.
Малетин има завршено Академија на уметности во Нови Сад во класата на професорот Милан Станојев. Работи како професорка во Нови Сад. Досега има реализирано повеќе самостојни и групни изложби низ Србија, Македонија, Германија, а била дел од меѓународни графички манифестации. Ка.М.