Секојдневните политички жонглирања, со сите темелни вредности на општеството и на државата: правда, вистина, образование, меѓуетнички односи, историја, јазик, сѐ повеќе личат на политичко поигрување со монструми, без оглед на свеста за својата (не)моќ за контролирање на играта. Сепак, и во сета бескрупулозност за опстојување или освојување власт, границите на правдата, законите, вистината и, конечно, човечноста не смеат да се преминат!
Од април 2012 до јануари 2021 година во Македонија се случија десетина изборни циклуси (главно вонредни парламентарни избори, локални, претседателски), се сменија мноштво фунционери во земјава, се смени дури и Уставот за промена на уставното име на државата…, но со вистината и правдата за петте невини жртви од монструозното убиство кај Смилковско Езеро веќе девет години бескрупулозно се жонглира во политичките игри и пресметки за власт. По речиси девет години, во завршницата на второто судење за обвинетите од случајот „Монструм“ (како што беше политички именувано петкратното убиство кај Смилковско Езеро), обвинителството бара осудителна пресуда за поголемиот дел од обвинетите што и првиот пат беа осудени. Во повторениот случај пред судот се изнесени речиси истите докази, истите обвинети, исти или малку дополнети искази, слични теории на заговор, исто барање за доживотна затворска казна за сторителите на убиствата… Иако се наѕира речиси иста судска разврска на случајот за монструозните убиства, за кои уште веднаш беше препознаена намерата да предизвикаат разгорување етнички конфликт во Македонија, во текот на измината деценија со трагедијата на жртвите и на загубата на нивните семејства, од речиси сите политички чинители се манипулираше како со тема со „совршен потенцијал“ за освојување или останување на власт.
Согледувајќи ги сензитивноста и ризикот за настани што може(ше) да ги предизвика петкратно убиство наспроти големиот христијански празник Велигден, тогашниот американски амбасадор во Македонија, Пол Волер, како предупредување и за тогашната власт, но и за партиско-етничките лидери, изјави дека американската амбасада одблизу ќе ја следи истрагата, и покрај што таквата изјава можеше да се протолкува како директно мешање на странски претставници во работата на државните истражни органи во земјата. И понатаму овој предмет го следеа и многу шпекулации и политички злоупотреби во периодот на промена на власта… Дури беа организирани и немири со етнички предзнак, инспирирани од првичните пресуди за „Монструм“, наводно поради незадоволство од убедливоста на доказите. Особено шокирачки за јавноста и трауматични за семејствата на петте жртви од „Монструм“ беа одредени изјави на видни политичари во врска со случајот.
Потоа во јавноста се пласираа манипулирачки изјави за постоење на докази за случајот во прислушуваните материјали, т.н. „бомби“, со кои сепак се издејствува предметот да биде вратен на повторно судење, односно да го преземе (сега веќе згаснатото) СЈО…
По речиси една деценија и неколкукратно политичко перпетуум мобиле, „Монструм“ наближува кон уште еден судски епилог, но се чини дека со тоа нема да биде исцрпен потенцијалот на овој случај за негова политичка (зло)употреба. Барем судејќи според брзината на партиските реакции по завршните зборови во судницата на второто судење.
Дополнително чувство на поразителност во сета трагичност на случајот „Монструм“ предизвикува сознанието за немоќта на правдата и правосудството во Македонија пред бескрупулозноста на политичките интереси. Иако според поставеноста на државното уредување судството е третиот (независен) столб на власта, одолжувањето и калкулирањето со пресудите во случаи на евидентни злосторства со димензии што ги загрозуваат цивилизираноста и човечноста, го покажуваат еродираниот темел на тој столб и негово сѐ поголемо накривување во сенката на политиката. Притоа, како воопшто да не се води сметка дека при „налегнувањето“ и меѓусебното потпирање на тие (не)зависни „столбови на власта“, ризикот да го разурнат општеството на кое се поставени ја надминува издржливоста на основата, т.е. трпението на граѓаните. Секојдневните политички жонглирања за поени во борбата за власт, со сите темелни вредности на општеството и на државата: правда, вистина, образование, меѓуетнички односи, историја, јазик, сѐ повеќе личат на политичко поигрување со монструми, без оглед на свеста за својата (не)моќ за контролирање на играта, а не пак да се најде патот до целта. Дали таа леснотија на политичко жонглирање и поигрување се должи можеби на искуството дека товарот на поразот и загубата ќе го носат секогаш граѓаните, а придобивките се секогаш (само) за политичарите? Сепак, и во сета бескрупулозност за опстојување или освојување власт, границите на правдата, законите, вистината и, конечно, човечноста не смеат да се преминат!