Министерот за правда Бојан Маричиќ говорејќи денеска на онлајн конференцијата во организација на „Рома Интеграцион Центрум“ го поздрави донесувањето на Законот за попис во Собранието.
Министерот кажа дека е време да се престане да се гледа на пописот како на политичко прашање, кое служи само за да се пребројат етничките заедници во нашата земја и како општество да се фокусираме на тоа како пописот може да биде своевиден катализатор на развојот на државата и планирањето на политиките, особено за најранливите категории на граѓани.
– Без да знаеме колку точно жители има некој град, село или населено место, што точно работат, какво образование имаат, со каков имот располагаат, што точно им е потребно, нема да можеме да креираме долгорочни развојни политики и да имаме соодветен слух за потребите на сите граѓани. Нашата држава повеќе не може да си дозволи ‘луксуз’ и да остане без попис уште неколку години. Дотолку повеќе што државите членки на Обединетите Нации се обврзани спроведуваат попишување на населението и имотот – изјави Маричиќ.
Министерот кажа дека покрај населението со потписот ќе се попишат и нашинците во странство, односно дијаспората, а во Заводот за статистика веќе се изработува и посебна промотивна кампања преку која на овие лица детално ќе им се објасни како да учествуваат во процесот, за сите да можат да го искористат своето право.