Охрид и Оревче не се Кан и Венеција, ама со сигурност ќе прераснат во возбудливо место, како за вистинските филмофили и за гладната публика, така и за големите ѕвезди. „Бич филм фестивал“ нема црвен тепих, нема лудило и гламур, ама го има прекрасното езерско синило, кое сега се открива како создадено за амбиент во кој сѐ ќе пулсира во знакот на филмот, во кој за миг ќе почувствувате дека филмот е најважната работа на планетата
Гледање нови европски филмови под ѕвездите во удобни перници на плажа, филмско платно во вода, или филмско платно на бродска палуба, танцување на одлична музика до изгрејсонце, муабети со интересни ликови од филмската фела, многу дружење… Вака некако изгледаше она што кон крајот на најтоплиот летен месец се случуваше во Охрид, под назив што од годинава веројатно сите ќе го препознаваат, „Бич филм фестивал“.
Имав чест и задоволство да бидам во жирито (заедно со прекрасните Јелена Јованова и Марјан Алчевски) на овој четиридневен фестивал на плажата Оревче во Охрид, кој летово го имаше своето прво издание, па имајќи ја предвид скромната финансиска поддршка што ја доби фестивалот од Агенцијата за филм, очекувањата не беа претерано високи. Но и две недели по завршувањето на фестивалот впечатоците не стивнуваат, не само моите лични, туку и буквално на секој што беше таму и имаше можност да почувствува дел од фестивалската атмосфера.
Се прашувам зошто? И веднаш одговорот сам по себе се наметнува. Кога мала група млади луѓе, нема да кажам тим затоа што тоа подразбира масовност и сериозност, ќе успеат да ви го пренесат својот ентузијазам незаснован на некаков личен интерес, резултатот не може да изостане.
Тоа се почувствува уште на првата фестивалска вечер, отстапена за проекцијата на хрватскиот филм „Осмиот комесар“, на која присуствуваше и режисерот, Иван Салај, кој веројатно претчувствувал дека ова ќе биде мал фестивал, но со големо Ф, штом одлучил наместо во престижната Пула, да дојде во Охрид.
Во натпреварувачкиот дел имаше уште неколку одлични филмови од Турција, Данска, Англија, Естонија…, но и многу гости од филмската индустрија (Лазар Бодрожа, Беверли Лавли, Артур Страхков…), па дури и една ѕвезда! Присуството на американската порноѕвезда со српско потекло Стоја кај некои предизвика вчудовидување, кај други срамежлива љубопитност, но секако беше одличен маркетиншки потег за привлекување внимание. На ревијалната, последна вечер, во одлично расположение беше прикажан филмот „Исцелител“, а плажата беше преполна како впрочем и на сите други проекции. По секоја проекција следуваа настапи на македонски и на интернационални изведувачи: Палиндром, диџеј Клара, Сајси МС, Фолтин… што на интересен начин ги спои музиката и филмот, на задоволство на помладата публика. И дневните активности, работилници за актерска игра за средношколци, за документарен филм, за продукција, за режија, за актерска игра… не изостанаа од програмата. За филмовите од официјалната селекција беа доделени наградите „голем бран“ и „мал бран“, а во рамките на програмата „Креативна Европа“ се одржа тридневна панел-дискусија со учество на десет претставници на програмата „Медија“ од Европа и од Балканот. За сите заинтересирани посетители организаторот имаше обезбедено бесплатен превоз од Охрид за секој ден од фестивалот.
Отворањето на програмскиот концепт кон различни естетики и форми на изразување секаде во светот се смета за мудар потег на организаторот, бидејќи тоа е еден од начините за привлекување помасовна публика, но кога станува збор за нашите културни фестивали најчесто концептот се стеснува, па, така, добивате безброј сиромашни и бессодржински манифестации сведени на блескава смотра во безмалку паланечка средина, кои немаат ни потенцијал ниту идеја да прераснат во нешто повеќе. „Бич филм фестивал“ успеа да ги надмине овој тип проблеми, храбро и можеби радикално промовирајќи некој нов концепт и естетика
Со други зборови, „Бич филм фестивал“ имаше сѐ што треба да поседува еден вистински филмски фестивал, за што веројатно најзаслужна е неговата млада и шармантна директорка, Хрватката Ана Опачиќ, која успеа, и тоа не во својата матична земја, да организира исклучително уникатен и иновативен настан.
Отсекогаш сум била против никнувањето фестивали како печурки по дожд, особено што повеќето од нив, а ги имаме во изобилство, најчесто имаат најмалку два вида организациски и концепциски проблеми. Првиот што во програмата вклучуваат сосема различно идејно и концептуално ориентирани учесници, некои ѝ се обраќаат на пософистицирана публика, некои на широк аудиториум, некои, пак, мудро балансираат некаде помеѓу. Вториот проблем се несреќните временски совпаѓања и најголемата болка – недостигот од публика. Отворањето на програмскиот концепт кон различни естетики и форми на изразување секаде во светот се смета за мудар потег на организаторот, бидејќи тоа е еден од начините за привлекување помасовна публика, но кога станува збор за нашите културни фестивалчиња најчесто концептот се стеснува, па, така, добивате безброј сиромашни и бессодржински манифестации сведени на блескава смотра во безмалку паланечка средина, кои немаат ни потенцијал ниту идеја да прераснат во нешто повеќе.
„Бич филм фестивал“ успеа да ги надмине овој тип проблеми, храбро и можеби радикално промовирајќи некој нов концепт и естетика, а истовремено создавајќи мал, симпатичен, позитивен, независен, урбан и современ филмски фестивал, нешто што вистински ѝ недостигаше на домашната фестивалска понуда. Охрид и Оревче не се Кан и Венеција, ама со сигурност ќе прераснат во возбудливо место, како за вистинските филмофили и за гладната публика, која ја има во најголем број, така и за големите ѕвезди.
„Бич филм фестивал“ нема црвен тепих, нема лудило и гламур, ама го има прекрасното езерско синило, кое сега се открива како создадено за амбиент во кој сѐ ќе пулсира во знакот на филмот, во кој за миг ќе почувствувате дека филмот е најважната работа на планетата.