Возилата со странски регистарски таблички ќе може да се регистрираат со 50 проценти намалени давачки од утврдената вредност на сите давачки што се наплатуваат при увоз од страна на надлежните државни органи, oбјави вечерва премиерот Зоран Заев на Фејсбук.
Оние што имаат поднесено барање за регистрација, појаснува тој, задолжително треба да ги исполнуваат следните услови: да ги имаат регулирано царинските и даночните обврски за возилото во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон и да поседуваат важечка сообраќајна дозвола, осигурување и зелен картон, да влегле на територијата на Република Северна Македонија до 1 октомври 2020 година.
– Со ова законски создадовме можност за регистрација на возилата што се со странски таблички, со цел регистрацијата да биде дома, а средствата да одат за патишта, за општините, како и за важни фондови за државата – напиша Заев.