Сѐ уште не е јасно што може да покажат резултатите од тимот експерти на Светската здравствена организација (СЗО) што се очекува да заминат во Вухан на крајот од неделава, за да го испитаат потеклото на пандемијата на коронавирусот, која се појави минатата година, во време кога расте бројот на заразени лица во Кина. Како што пренесуваат западните агенции, експертите на организацијата вчера пристигнале во земјата, но деновиве се подготвува теренот за поголем меѓународен тим да ѝ се приклучи на веќе постојната екипа, за истражувањата да бидат веродостојни. Од она што е засега познато е дека тимот на СЗО во Кина е предводен од Брус Ајлвард, експерт што беше на чело на тимот што се занимаваше со епидемијата на ебола и исто така ги водеше програмите за имунизација, контрола на болести и искоренување на детската парализа.
Во меѓувреме, кинеската влада строго ги контролира сите истражувања за потеклото на вирусот, а државните медиуми се обидуваат на секој начин да ја извртат приказната дека вирусот потекнува од некое друго место, а не од пазарот во Вухан. Се верува дека ова прикривање на информациите довело до одложување на предупредувањето за пандемијата, блокирање на размената на информации со СЗО и бавен почеток на тестирањето, пренесе АП.
– Десетчлен тим од експерти на СЗО треба да спроведе „длабинска“ епидемиолошка, виролошка и серолошка процена на луѓето и животните во Кина. Целта на истрагата не е да се најде виновникот, туку да се разбере што се случило и да се види дали, врз основа на тие податоци, можеме да го намалиме ризикот од нешто слично во иднина – изјави Фабијан Лендерц од германскиот институт „Роберт Кох“.