Тим на Светската здравствена организација доаѓа во Кина на 14 јануари за да го истражи потеклото на коронавирусот.

Тоа требало да се случи на почетокот на овој месец, но властите во Кина веднаш не прифатиле да го одобрат нивното доаѓање.

„Ројтерс“ пренесува дека од Националната здравствена комисија, која го најавила датумот на пристигнувње на истражен тим на СЗО во Кина, не дале повеќе детали за планот на активности на истражителите на СЗО.


Една година од првиот случај на коронавирус во Вухан

Пред една година, Кина го објави првиот смртен случај од новиот коронавирус во Вухан. Дванаесет месеци подоцна, ковид-19 однесе 1,9 милиони животи низ целиот свет.

Меѓутоа, во тој град со 11 милиони жители во централна Кина, каде што се појави првата позната инфекција, вирусот беше згаснат.

Утрово годишнината минува незабележано во Вухан – луѓето можат слободно да одат на работа, парковите и шеталиштата покрај реката се исполнети со пешаци.

Во извештај од 11 јануари 2020 година, Кина ја потврди својата прва смрт од непознат вирус – 61-годишен маж, кој беше редовен клиент на сега веќе неславниот влажен пазар во Вухан, поврзан со многу случаи. Светот наскоро се запозна со смртоносната болест.

Се уште се знае малку за првата жртва, додека пазарот каде беа откриени првите пријавени групи случаи остана затворен.

Независни експерти допрва треба да добијат пристап до пазарот или детална реконструкција на тие рани денови на вирусот во Вухан.