Утре со почеток во 11 часот во просториите на Друштвото на писатели на Македонија ќе се одржи комеморација за неодамна починатиот книжевен научник, критичар и есеист, долгогодишен активен член на писателската асоцијација и во извесен период и нејзин претседател, академик Милан Ѓурчинов.
Како еден од најкомпетентните проследувачи на македонската книжевност, со својот впечатливо обемен и квалитетен опус, Ѓурчинов даде неодминлив влог во критичката опсервација на нашата литература во текот на повеќе од шест децении.
Притоа, тој континуирано остана приврзаник на концептот на вредносна критика, која директно, аргументирано и едуцирано искажува суд за книжевното дело. Таква критика, која денес ѝ е потребна на нашата култура можеби повеќе од кога и да е, може да произлезе само од перото на интелектуално љубопитна, етички силна, стабилна и слободна личност, каква што беше и самиот тој.
За неговата личност и за високите дострели на неговото дело ќе говорат: Соња Стојменска-Елзесер, Мишел Павловски, Елизабета Шелева, Лорета Георгиевска-Јаковлева, Трајче Кацаров и Гоце Смилевски.