Велика Британија започна да ги вакцинира граѓаните со вакцината „ковидшилд“ произведена од „Астра зенека“ и универзитетот Оксфорд, а првата доза ја прими Брајан Пинкер (82), пациент на дијализа, во болница на неколку стотици метри од лабораторијата каде што е направена вакцината.
– Многу сум задоволен што примив вакцина против коронавирус и горд сум што е направена во Оксфорд – рече Пинкер.
Тој рече дека со нетрпение очекува во февруари да ја прослави 48-годишнината од брак со сопругата Ширли.
„Медицинските сестри, лекарите и целиот персонал беа фантастични“, рече Пинкер.
Велика Британија веќе вакцинираше повеќе од милион луѓе, повеќе од цела Европа заедно, рече Мет Хенкок, министер за здравство, додавајќи дека пуштањето на вакцината на „Астра зенека“ е триумф.
„Ова е победа за британската наука, поминавме долг пат. На почетокот на вакцинацијата, сфативме дека овој процес е единственото долгорочно решение“, рече Ханкок.
Владата на премиерот Борис Џонсон објави дека обезбедила 100 милиони дози вакцина „ковидшилд“, која може да се чува во фрижидери на температура од два до осум степени, што ја олеснува дистрибуцијата во споредба со вакцината на „Фајзер, која мора да се чува на минус 70 степени.
Од денес, шест болници во Англија инјектираат вакцини на луѓе, а во првиот бран се обезбедени 530.000 дози.
Програмата ќе биде проширена во стотици британски градови во наредните денови, а владата се надева дека ќе може да испорача десетици милиони дози во наредните месеци.