Снегот на Попова Шапка овозможи да започне скијачката сезона порано од вообичаеното, а фактот дека само таму има снег, ги натера скијачите од цела Македонија да се упатуваат токму кон овој ски-центар
Благодарение на снежните врнежи на Попова Шапка, изминативе три недели скијачките патеки во овој ски-центар максимално се користат. И покрај пандемијата на коронавирусот, гостите во ски-центарот не изостанаа, особено љубителите на скијањето. Сепак, поради непредвидливоста на пандемијата неминовно се наметнува прашањето дали македонските ски-центри ќе имаат посетители и можат ли да очекуваат успешна зимска сезона. На почетокот на декември, Комисијата за заразни болести донесе протоколи за работа на ски-центрите со што се создадоа можности за отворање. Од ски-центрите посочуваат дека во интерес на здравјето на гостите и на вработените ги почитуваат протоколитe, па дури преземаат и дополнителни мерки.
– Има голем интерес и многу посетители. Предност е оваа година што имаме снег порано од претходните години, поради што имаме голем број посетители, сите скијачи од цела Македонија доаѓаат да го искористат снегот. Очекуваме и во текот на целата сезона да имаме посетители. Досега имавме доста гости за време на викендите, па очекуваме со иста посетеност да ги поминеме и јануари и февруари – вели Живко Алексовски, директор на ски-центарот „Попова Шапка“.
Тој дополни дека и покрај пандемијата, посетеноста е голема, па дури поголема од претходните години што, според него, се должи на снегот, но и на тоа што во услови на пандемија луѓето потешко ја напуштаат земјава.
– Годинава имаме поголема посетеност отколку претходните години. Сметам дека луѓето сакаат да излезат од дома и тука знаат дека се безбедни, на отворено се, нема опасност од ширење на вирусот. Зголемениот број посетители се должи и на фактот што луѓето не можат да ја напуштаат државата. Добро е што посетителите се стрпливи и не прават метежи за купување ски-карти. Ги почитуваат протоколите без какви било проблеми. За вакви услови сметам дека е навистина солидна посетеноста. Преку недела имаме 200-250 скијачи на ден, додека за викендите има поголем број. Оваа посетеност преку недела е навистина задоволувачка имајќи ги предвид бројките од изминатите години – додава Алексовски.
Наедно, претставникот на ски-центарот „Попова Шапка“ посочува дека имаат резервации, при што доминираат домашните гости.
– Во рамките на ски-центарот „Попова Шапка“ работат хотелот „Попова Шапка“, кој работи само во скијачка сезона, и хотелот „Славија“, кој работи цела година. Оваа година поради пандемијата имаме само домашни посетители, но веќе имаме резервации, особено за првата недела од јануари. Во „Славија“ веќе нема место, има неколку слободни соби во хотелот „Попова Шапка“. Странските туристи годинава се слабо застапени, за разлика од претходните години кога имавме гости од Албанија и од Косово. Но, за среќа, имаме масовен одзив од домашните гости – дополнува Алексовски.
Претставниците на „Ресорт Маврово“ велат дека ги почитуваат протоколите за работа, па други им овозможиле на клиентите преку интернет да ги дополнуваат ски-картите.
– Предизвиците со кои се соочи целокупното човештво, дефинитивно, влијаат и пречат на работењето на многу бизниси. Факт е дека оваа година може да се скија, државата го дозволи тоа, но сепак со дефинирани нови протоколи за работење. Бидејќи здравјето на нашите гости и на нашите вработени е најважно и е приоритет за нас, ние ќе ги почитуваме сите протоколи. Комисијата за заразни болести, на почетокот на декември, дозволи да се работи само со отворени жичници, со поинакво работење на редарската служба пред билетарниците и ски-лифтовите, како и работење на угостителските капацитети само на отворено, со шалтерска продажба и прибор за еднократна употреба. Нашето искуство покажува дека најмногу редици се создаваат пред билетарниците. Затоа, годинава најдовме решение со дополнување на картите за скијање. Односно, откако скијачот еднаш ќе ја купи картата од билетарницата, потоа при секоја нова посета на скијачкиот центар може да ја дополнува преку нашата интернет-страница – објаснуваат од „Ресорт Маврово“.
Додаваат дека носењето маска и држењето дистанца се вообичаени протоколи за заштита од ковид-19, кои многу полесно се почитуваат на терените на ски-центарот.
Во Маврово ски-сезоната не е почната бидејќи нема снег, но со намалување на температурите, се најавува вклучување на топовите за вештачки снег.
– Сѐ уште не е почната скијачката сезона во Маврово. Ги очекуваме најавените снежни денови и паѓањето на температурата под нула. Тоа ќе овозможи да се користи и нашиот систем за вештачки снег, во кој инвестиравме пред околу две години – велат од „Ресорт Маврово“.
Оттаму додаваат дека имаат интерес за подолг престој на домашни гости и на туристи од земјите во регионот.