Прогнозите за продолжување на процесот за проширување кон земјите од Западен Балкан се песимистички, а во некои анализи се разгледуваат и можните алтернативи за идното геополитичко интегрирање на регионот

По неуспехот на германското претседавање со Европската Унија за почеток на пристапните преговори на Македонија и на Албанија, судбината на процесот за проширувањето на Европската Унија е неизвесна за годинава. Засега, Германија останува единствен „гласен поддржувач“ на идејата за проширување на Унијата на просторот на Западен Балкан, додека другите членки на ЕУ се воздржани во давањето предвидувања, а во некои анализи се споменува и неопходноста од нови видови соработка со балканските држави!
Новинарот Михаел Мартенс во анализата објавена во „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ потсетува на нееднаквиот третман на земјите од Западен Балкан во однос на другите земји од Источниот блок што беа примени во европското семејство. Тој потсетува на далечната 2004 година, кога даденото ветување од ЕУ за почнување реформи водеше кон приемот на осум некогашни комунистички држави, како и на Кипар и Малта. По три години беа примени Романија и Бугарија, иако не ги исполнуваа централниот критериум – за функционална правна држава. Во летото во 2013 година Хрватска, која последна беше примена, се провлече низ бриселската врата, а оттогаш таа е затворена!
За шесте балкански држави што сакаат да ѝ пристапат на ЕУ – Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија, пораката е јасна: повеќе не важи стариот принцип дека ангажираните реформи во еден момент не водат кон членство во ЕУ.

– Никој појасно не го почувствува тоа од Македонија, која по барање на Грција дури и го смени името на државата за да може да ги почне преговорите со ЕУ. По грчкото вето, следуваше, француското, па бугарското, овој пат поради наводно „украдена“ историја и јазик на словенските Македонци, процесот на проширување е преполн со политички замки, кои немаат многу врска со реформските напори на земјата-кандидат – забележува Мартенс.
На Балканот повеќе не се изненадени од постојаното одложување на преговорите, откако францускиот претседател Емануел Макрон во јули 2019 година во Белград јасно рече дека ЕУ нема да прима нови членки додека самата не се реформира. Оваа приказна не е нова: уште во 2005 година берлинската Фондација за наука и политика (СВП) во една студија, која го открива „растечкиот замор од проширувањето“, беше поставено и прашањето за тоа дали навистина полноправното членство во ЕУ е единствена опција за долгорочна стабилизација на државите од Западен Балкан.
– Тоа прашање е поактуелно од некогаш – пишува Мартенс, кој поставува и прашањето за иднината на Балканот. Ако членството не е реално – како тогаш ЕУ да се однесува кон овој регион? Како да го зачува влијанието и да им се спротивстави на политичките ривалитети како Русија, Кина и Турција?
Во мај 2003 година во „Њујорк тајмс“ тогашните премиери на Србија, Зоран Живковиќ, на Албанија, Фатос Нано, и македонскиот и хрватскиот претседател, Борис Трајковски и Стјепан Месиќ, побараа земјите од Западен Балкан да имаат пристап до кохезивните фондови на ЕУ, односно финансиски да бидат третирани како членки на ЕУ, иако не би имале право на глас во Брисел.

– Населението на Западен Балкан не поминува 3,5 отсто од вкупното население во ЕУ. Економската сила на регионот е уште помала. Значи не се работи за големи суми односно за три милијарди евра годишно. Но правилно вложени структурни финансиски потикнувања можат да придвижат многу работи во регионот – вели Душан Рељиќ, шеф на бриселската канцеларија на СВП.
Тој предупредува дека цели делови од регионот умираат поради иселувањето, најмногу во насока на ЕУ.
– Главен дел од економскиот раст на Романија и на Бугарија во последните години, наспроти намалувањето на населението, потекнува од тоа што овие две држави ги користат структурните и кохезивните фондови на ЕУ – вели Душан Рељиќ.
Новинарот Михаил Мартенс потсетува на различните варијанти за предлози Западен Балкан да се прими во економскиот простор, на кој припаѓаат и Исланд и Норвешка. Двете држави се просторно насочени во правец на ЕУ, со кои остваруваат три четвртини од економската размена. Но идејата државите од регионот да се подготват за учество во Европскиот економски простор досега е често одбивана од Белград до Тирана. На оваа идеја се гледа како на обид да им се подметне „сурогат ЕУ“.
Весна Пусиќ, шефицата на хрватската дипломатија за време на влегувањето во ЕУ, вели дека треба да се разговара за нови пристапи, затоа што во процесот на проширување во неговата изворна форма повеќе никој не верува во регионот и за тоа, како што вели таа, има добри причини.

Доколку ЕУ остави вакуум на Западен Балкан, во него ќе влетаат други сили, кои не ги делат демократските вредности на ЕУ, вели германскиот министер за Европа, Михаел Рот.
Тој изрази разочарување што немало напредок во интеграцијата на земјите од Западен Балкан за време на претседателството на Германија со Европската Унија во изминатите шест месеци.
– Итно ни се потребни позитивни сигнали за Западен Балкан. Вака нашиот кредибилитет може да биде доведен во прашање – рече Рот во разговор со дописникот на германскиот весник „Ханделсблат“ во Брисел.
„Ханделсблат“ пишува дека сили како Русија, Кина и Турција се заинтересирани за регионот.
– Ако ЕУ остави вакуум на Западен Балкан, тогаш други сили, кои не ги делат демократските вредности на ЕУ, од геостратегиски причини ќе влетаат во тој вакуум. Сами си пукаме в колено – истакна Рот.
Американскиот дипломат Курт Волкер изјави дека Западен Балкан не стои во место, туку назадува, а за тоа во голема мера е заслужна Русија, која успева да го шири своето влијание со помош на Србија и Српската православна црква. Според него, овој процес подразбира и активна улога на Европската Унија.
– Во последните десет години, самата Европа го забавува процесот на проширување на новите членки. Црна Гора, Македонија и Србија би требало да тежнеат кон членство во Унијата, но тој процес во голем дел е забавен.

По распадот на Југославија, Србија се најде погодена поради губењето на територијата и намалување на влијанието во регионот. Таа се обидува да го врати статусот на начин на кој не само што доведе до губење на Косово туку и до негодување на Европа и на САД поради постапките на Белград. Сѐ додека Србија се колеба меѓу проевропското определување и потпирањето на Русија и Кина за враќање на влијанието во регионот, таа не може да стане интегриран дел на Европа – оценува американскиот дипломат Волкер за „Гласот на Америка“.