ПРИЛЕП

Прилепските советници го усвоија буџетот за 2021 година и, како што велат од Општината, издвоени се средства за проекти што биле од интерес на граѓаните. Градоначалникот Илија Јованоски вели дека за „кроењето“ на буџетот се воделе од правната рамка, односно Законот за буџети и измените на Законот за финансирање на ЕЛС. Вкупните приходи во предлог-буџетот на Општина Прилеп за 2021 година изнесуваат 1.410.981.000 денари, кои во споредба со буџетот за 2020 година, бележат пад од 8,21 проценти.

– Во приходите, најголемо учество имаат дотациите чиј вкупен износ е 747,6 милиони денари, потоа даночните приходи со 228 милиони, капиталните приходи со 169,5 милиони, неданочните приходи што изнесуваат 84,7 милиони, трансферите со 122 милиони, приходите од донации во висина од 28,2 и пренесените вишоци со 30,6 милиони денари. Приходите на основниот буџет се проектирани на 547,6 милиони денари и во однос на минатогодишниот бележат намалување за 13 проценти. Вкупните расходи на буџетот за 2021 година се проектирани на 1.410.981.000 денари, при што за финансирање на основното и средното образование се планирани 679 милиони денари, за социјална заштита на деца и стари 137 милиони, за Градската библиотека 11,4 милиони, а за противпожарна заштита 26,2 милиони денари. Билансот на расходи на основниот буџет е проектиран во висина од 544,6 милиони денари. Со учество на капиталните расходи во износ од 255,4 милиони денари, или 46,6 проценти, буџетот за 2021 година има исклучиво развоен карактер – вели градоначалникот Јованоски.
Вкупно 114 милиони денари се наменети за изградба и реконструкција на улици и локални патишта, тротоари и пешачки патеки, зимско одржување и заштита, како и одржување на хоризонталната и вертикалната сигнализација на патиштата.

Потоа, 46,7 милиони денари се планирани за изградба на затворениот базен, 44,5 милиони за детска градинка, 30 милиони за реконструкција на Старата чаршија, 41,8 милиони за изградба и одржување на паркови и зелени површини, како и средства за изградба и реконструкција на јавното осветлување, урбанистичко планирање, набавката на автобуси за градскиот превоз, изградба на системи за водоснабдување, фекална и атмосферска канализација и изработка на проектна документација од нискоградба и високоградба, за потребите на општината.

– Во буџетот за 2021 година извршивме алокација на средства за борба против загадувањето на животната средина и амбиенталниот воздух во износ од 6,5 милиони денари. Со овие средства ќе субвенционираме набавка на инвертер-клими за греење на домаќинствата, електрични велосипеди, електрични мопеди и моторцикли, а ќе ја субвенционираме замената на азбестни табли од покривните конструкции на згради, со енергетски штедливи и еколошки одржливи материјали – додава Јованоски.

Покрај тоа, пари се одделени и за поддршка на спортот и физичката култура во висина од 4,5 милиони денари, како и 53,3 милиони денари буџетска поддршка за финансиска стабилност на јавните комунални претпријатија. Истовремено, со реализација на капиталните расходи од буџетот за 2021 година, во бизнис-секторот ќе бидат вратени средства во висина од околу 4,2 милиони евра, за што, од Општината сметаат дека ќе дадат дополнителен импулс во заживувањето на локалната економија.