Иако веќе 15 години е пред портите на ЕУ, во постојано очекување на почеток на преговори, борејќи се со услови што воопшто не се наведени во Копенхашките критериуми за проширување, Македонија е поставена пред една навидум парадоксална ситуација, докажувајќи го своето право на историски континуитет, посебност, јазик, идентитет, всушност да биде во позиција на искушение и одбрана на основната идеја за постоењето на ЕУ. Со други зборови, бранејќи се себеси, ја спасуваме ЕУ од пропаст
Краткото резиме на настаните од 2020 година, кои го преокупираа интересот, па и го одредија начинот на животно функционирање во Македонија би можело да се сведе во главни црти на содржината: справување со пандемијата на ковид-19, парламентарните избори и пренасочување на политичката енергија за евроинтеграциите кон еден „неочекуван“ спор со Бугарија од историско-идентитетска природа.
И оваа година Македонија ја завршува без почеток на преговорите за членство во ЕУ, односно не се одржа првата меѓувладина конференција со ЕУ, која речиси со сигурност се најавуваше од германското претседателство со Унијата, што завршува на 31 декември 2020 г. Причина за таквиот разочарувачки епилог за македонските евроинтеграции во годинава што изминува е ветото на Бугарија пред Советот на ЕУ, која одлучи да не ја одобри преговарачката рамка за Македонија, зашто во неа не беа вметнати нејзините барања за посебно поглавје за следење на напредокот во спроведувањето на Договорот за добрососедство од страна. Пред сѐ таквото барање се однесува на прифаќање од македонска страна на бугарските позиции во толкувањето на формулацијата „заедничка историја“ во договорот, односно дека тоа подразбира заедничка, но бугарска историја за двата народа до 1944 година, што повлекува и проблематизирање на автохтоната генеза и постоење на македонскиот јазик. Иако не наиде на разбирање кај другите 26 членки на ЕУ, а на нејзините позиции остро реагираа Чешка и Словачка, Бугарија сепак успеа да опстои на одлуката за вето, доведувајќи ја во прашање појдовната идеја за формирањето и постоењето на ЕУ – надминување на историските недоразбирања. Таквиот однос на бугарската политика спрема Македонија во ЕУ, наидува на критики и меѓу бугарските интелектуалци. Бугарскиот новинар и политички аналитичар, Светослав Терзиев, во својот коментар за бугарското вето за македонските евроинтеграции, уште во насловот констатира дека „премиерот (на Бугарија) ја отвори балканската Пандорина кутија“.
– Борисов толку многу се заборави, што го злоупотреби правото на вето што го има Бугарија за најважните прашања во ЕУ. Тој го примени на начин што е во спротивност со основното значење на постоењето на Европската Унија. Ги изнесе во преден план споровите за историјата, без да сфати дека ЕУ се појави токму за да се стави крај на ваквите спорови во Европа и да се отвори заеднички простор за соживот на земјите, во кој нема да ги решаваат старите сметки. Ако признавањето на една или друга историска вистина беше услов за нечие членство во ЕУ, прво Франција и Германија немаше да влезат и ЕУ немаше да ја има. Нивното помирување стави точка на нивните вековни непријателства и ѝ даде шанса на европската идеја. Тоа не е ништо друго, освен идеја за мирно и заемно корисно постоење врз основа на заеднички правила – коментира Терзиев.
Понатаму во коментарот, Терзиев заклучува дека „Борисов постапи како неразумната Пандора и го отвори капакот на кутијата во која Европејците мислеа дека ги затвориле сите проблеми натрупани за време на нивната бурна историја“.
– Улогата на таква кутија ја игра европската идеја, но внатре во неа има помала, балканска. Балканот е оптоварен со историски спорови и нивното повторно разгорување ја уништува самата европска идеја. Затоа, барањето на Бугарија до РС Македонија да ја признае нејзината историска вистина пред да започне преговори за членство во ЕУ звучи зачудувачки и не добива поддршка од никого. За неколку дена, земјата падна во таква изолација што може да се нареди до Белорусија, иако, за разлика од неа, продолжува да членува во ЕУ и во Советот на Европа – оценува бугарскиот новинар Терзиев.
Иако веќе 15 години е пред портите на ЕУ, во постојано очекување на почеток на преговори, борејќи се со услови што воопшто не се наведени во Копенхашките критериуми за проширување, Македонија е поставена пред една навидум парадоксална ситуација, докажувајќи го своето право на историски континуитет во европската (и светската) цивилизација, со неотстапување од автентичноста на својот национален идентитет, всушност да биде во позиција на искушение и одбрана на основната идеја за постоењето на ЕУ.
– Македонија не може самата да ја одбрани базичната идеја и постулати на ЕУ, ако самата Унија не ги брани и се однесува како да ги заборавила. Ако не беше ветото на Словачка и на Чешка за заклучоците на Советот на ЕУ за проширувањето, ние, т.е. Македонија, ќе добиевме рамка за преговори според која ќе моравме да ги исправаме „фалсификатите во нашата историја“ поради националните каприци на една земја-членка како Бугарија.
ЕУ беше на чекор да ги погази своите постулати да не дозволува историските спорови да бидат пречка за европското заедништво. Годините пред нас ќе покажат дали ЕУ ќе се придржува до своите основни постулати, или ќе замижува додека не ги напушти. Со такви непринципиелни условувања на ЕУ за Македонија, се доведува во прашање смислата на македонските евроинтеграции – смета македонскиот политички аналитичар Александар Пандов.
Во анализата на Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии (ИФИМЕС) за актуелната политичка состојба на Балканот во врска со моменталните опасности што го загрозуваат напредокот на земјите од регионот, се отвора прашањето дали во заднината на бугарското вето за Македонија во ЕУ, стојат некои неевропски интереси. Односно, дали Бугарија е експонент на руската политика за дестабилизација на регионот и ЕУ, бидејќи водечки човек на Бугарија е премиерот Бојко Борисов (ГЕРБ), поранешен телохранител на комунистичкиот диктатор Тодор Живков и кој потекнува од руската (советска) ментална структура? Според анализата на ИФИМЕС, за разрешување на балканските (историски) заткулисни игри, реактивирани поради индолентниот однос на ЕУ спрема земјите од Западен Балкан, одлучувачко е вклучувањето на новата администрација на САД, со почетокот на мандатот на новоизбраниот претседател Џо Бајден.
– Новата американска администрација ќе ги реши БиХ, Косово и С. Македонија во консултација со Германија и со Франција, но без многу мешање на ЕУ. Ова ќе биде во договор со Русија, особено околу БиХ, особено околу конечното решавање на српската сецесионистичка политика во БиХ, но и хрватската политика што ги поткопува интересите на Вашингтон и Дејтонскиот мировен договор во соработка со Русија. Косовското прашање нема да се реши без Русија, но новата американска администрација ќе застане цврсто зад С. Македонија и ќе ги отстрани блокадите на Бугарија со внатрешни политички промени во таа земја. На крајот неизбежно се поставува прашањето: Кој му се заканува на Балканот? – се наведува во анализата на ИФИМЕС.
Политичкиот аналитичар Александар Пандов е согласен со тезата во анализата на ИФИМЕС, дека одлучувачка улога во актуелниот македонско-бугарски спор ќе има позицијата на новата американска администрација. Според Пандов, доколку американската позиција опстои на ставот дека историските прашања не треба да бидат дел од актуелните меѓународни политички процеси, односно да не бидат дел од преговарачката рамка на ЕУ за Македонија, тоа ќе биде оптимистички и поддржувачки сигнал за опстојувањето на македонската држава, за нејзината можна иднина во ЕУ со зачуван национален идентитет. Но доколку САД ги сменат своите позиции во однос на историските прашања (како што се случи во спорот за името на Македонија со Грција), Пандов цени дека Македонија ќе влезе во тешка ситуација за зачувување на својот државен и национален интегритет. Но промената на позицијата за историските прашања во актуелната политика, ќе ја активира и спиралата на сите други спорни интереси на Балканот, па и во ЕУ.