На моја голема жал, излегов во право. Не само што не дојде живот, не само што овие ги усовршија утките на претходните туку и Македонија е пред исчезнување
Сонував чуден сон. Го сонував Бранко Тричковски како сонува. Во неговиот сон тој сонува смрт на Македонци. Потоа се буди радосен на грчка плажа, ама во истата секунда гори во страшен пожар како Сара Конор во „Терминатор – судниот ден“, кога сонува како согорува од атомска бомба. Се будам крајно збунет. Воопшто не сум сигурен кој кого сонувал. Дали јас Тричковски, дали тој мене или и двајцата сме во сонот на Сара Конор? Но ако соништата ми се збунувачки, тогаш реалноста ми е сосема јасна.
А таа, реалноста, ме дочека со убави вести. Октроираниот премиер Зоран Заев конечно го среди судството во Македонија. Ете, реформираното судство испрати порака до нас, обичните смртници. Пораката гласи, можете слободно да шверцувате 35.000 кутии цигари, да бегате од џандари, да пукате по нив, ама никако немојте да ви паднал напамет говор на омраза. Освен, секако, ако не сте Тричковски во чии соништа говорот на омраза е, всушност, креативна симболика. Е, сега, по кој систем се открива што е говор на омраза, а што ситење или сеир, дали нечиј говор на омраза директно влијае на одредена несреќа (на пример, во Грција има пожар, некој пишал, ако им е, па неговиот статус го предизвикал веќе случениот пожар) крајно е неважно, затоа што веќе заклучивме, опасно е да се има таков говор и крајно поинтелигентно е да шверцуваш цигари за да заработиш некој денар. Нормално, шверцот ќе беше крајно непотребен ако по дома си имаш снаа, балдаска, золва или баџанак, кои се генијални иноватори, па лапаат тендери за иновации на кои лично Тесла би им позавидел. Е, ама нема секој дома шура што смислил иновација за реинкарнација. Затоа шверц со цигари е сигурната бекап-варијанта. За која судот ни соопшти дека е сосема океј.
Туку кога сме кај тендериве, да забележам нешто. Крајно време е некој да добие грант за иновација околу нашево револуционерно тендерашење. Пазете само какви неверојатни моменти се случуваат. Се пријавува на тендер. Го лапа тендерот. Му велат, е браво бе, сам си додели тендер. И оп, се откажува од тендер. Што да крикне човек при вакво лудило? Ало, дечки, мора вака малоумно да биде? Не сум иноватор, ама ај да ви помогнам. Направете си невладина (што ако сте владини) и лапајте од УСАИД. Така барем малоумни ги правите американските даночни обврзници.
Што ме гледате така бело? Не знаете дека УСАИД улетува со нови грантови? Гарант ќе ги развива нашите недемократски мозоци. Ќе нѐ демократизираат. А потоа нормално, онака демократизирани (читај, лоботомирани), ќе треба да си излеземе на референдум и да гласаме за Северна Македонија. Инаку ќе мора да заборавиме на ЕУ и НАТО како што, нели, „цивилизирано“ ни се закани виенскиот коњушар Жбогар. Море и Бејли почна да тера глупа пропаганда за да ни каже како ќе ни течат мед и млеко ако станеме НАТО. А не му личи. Она со фармерките, кога направи будали од нашите политичари, е тоа му личеше, ама вака да позира расклештен ко македонски политички лажго пред избори, стварно не му стои. Може попаметно му е, за да нè убеди да станеме северноцрпнати граѓани без идентитет, што знам, да направи НАТО-фест. Уф, заборавив дека тоа бидна и пропадна.
Пред некој ден на Фејсбук го напишав следново: „Ништо вие не разбирате. За ВМРО-ДПМНЕ моравме да слушаме ’бомби’. За разлика од нив, СДСМ, за сето она што го обвинуваа ВМРО-ДПМНЕ (задолжување, тенедрашење, крадење, прикривање убиства, смртност на деца, медиумски мрак, киднапирање држава, продажба национални интереси), тие сега го прават транспарентно. Тоа не е ли реформа, а незадоволници?“ .
Зошто ви го пишувам ова кога ниту со претходните, ниту со сегашниве на власт не сум се занимавал на овие теми, оти јас сепак почнав да пишувам во „Нова Македонија“ и сè уште главна преокупација ми е борбата за името и идентитетот? Одговорот е, заради лична сатисфакција. Иако никогаш не сум бил човек што се радува затоа што излегол во право, има моменти кога добивам сатисфакција. Сеедно што од неа немам никаква корист. Да ви објаснам за што станува збор.
На денот на започнување на последната офанзива во специјалната војна против Македонија и македонскиот народ (за мене тоа е 27 април 2014 година, во 19 часот, кога Заев не ги призна изборните резултати), јас влегов во битка со СДСМ, Бејли, Сорос, нивните активисти и поддржувачи тука, како и белосветската изопачена моќ. Бев убеден дека не само што нема да дојде живот, не само што нема да има реформи туку и ќе се променат името и идентитетот, со што ние Македонците засекогаш ќе исчезнеме од мапата на народите. Комплетното СДСМ, нивните поддржувачи и медиуми, шарените „револуционери“, Соросовата герила, интелектуалната бижутерија, сите тие жестоко ме нападнаа дека сум режимски мегафон, дека сум инкасирал 300.000, 400.000, 700.000 евра, како им прдне вадеа цифри, дека нема тиранска платформа, дека закон за двојазичност и промена на име е само во мојата жмроњска психопатска глава, море таква омраза истурија врз мене што сегашниве клетви а ла „оган да ги изгоре“, звучат како детски брзозборки во однос на она што го слушав и читав за себе.
На моја голема жал, излегов во право. Не само што не дојде живот, не само што овие ги усовршија утките на претходните туку и Македонија е пред исчезнување. А ќе бев неизмерно среќен да излегов глуп, да беше вистина дека сум лапнал едно 300.000 евра со кои ќе им купев на родителите и братот сопствен дом за живеење, а Заев навистина ќе донесеше живот и реформи создавајќи прекрасна правна и социјална Република Македонија во која никој нема да му ја чепка живеачката македонска. Навистина ќе бев среќен да излезев глуп.