Доколку не се исполни клучното ветување, потребно е преземање на одговорноста!? Таа одговорност може да се одложи до крајот на годината, дури и до по изборите во Бугарија, но доколку Владата нема успех, еден момент мора да се преземе
Како што е редот, на стоте дена Влада, јавноста и медиумите ги согледуваат, анализираат, коментираат постигнувањата на Владата. За оваа влада, иако и е втор мандат, ова се први сто дена, бидејќи првите беа во вонредни околности. Но се чини и стоте дена од овој мандат поминуваат во вонредни околности и во сенка на ковид-19, и јавно-здравствената криза, и економската криза, и образовната криза, и прашање е дали може да се оценат првите сто дена.
И што значат сто дена владеење во земја што со години, со децении тапка во место!? Некаква содржина, барем ПРовска на 100 дена, даде Никола Груевски во првите мандати, кога за да се демонстрираат ефикасност и ефективност и се постапуваше по однапред подготвен акциски план за речиси секојдневни мерки и активности од бирократска гилотина, преку економски мерки, до објавување капитални вложувања. И оваа влада имаше подготвено таков план, во чии рамки беа објавени нови мерки, измени во пензиското осигурување, даночни измени за поттикнување на бизнисот итн. Но се чини дека сепак доминираа други прашања, кои ги диктираа случувањата и перцепциите. Од другите прашања, надвор од ковид-19, секако најважно е повторниот неуспех за добивање датум за преговори, овој пат поради блокадата од Бугарија.
Тука доаѓаме до втората причина за бесмисленоста на стоте дена Влада, а тоа е дека оцена има логика само ако има атмосфера на прифаќање критика. Немаме само ние проблем со прифаќање критика.
Позната е изреката „успехот има многу мајки, а неуспехот е сираче“, а кај нас тоа е засилено со историската употреба на критиката не за подобрување, туку за политичка ликвидација. Е сега, оцена и критика не може да водат кон подобрување, доколку неуспехот не наш, туку нечија туѓа вина. Премиерот Зоран Заев не го признава неуспехот со Бугарија за свој. Тоа е проблематично од повеќе аспекти. Доколку неуспехот со Бугарија не е негов, ниту неуспехот на Никола Груевски во Букурешт не е негов, бидејќи и ако има вина со антиквизацијата, таа започна по Букурешт. Второ, Зоран Заев лично и неговите министри тврдеа дека имаме датум за преговори уште пред три години, и целиот период тврдеа дека сме успешни и сѐ е во ред, за прекуноќ да се сменат околностите. И трето, Владата за клучно ветување го има членството во ЕУ, и нејзина одговорност е исполнување на тоа верување. Доколку не се исполни клучното ветување, потребно е преземање на одговорноста! Таа одговорност може да се одложи до крајот на годината, дури и до по изборите во Бугарија, но доколку Владата нема успех, еден момент мора да се преземе.
Тоа што всушност најмногу загрижува е сосема друго прашање. Се соочуваме со огромни предизвици, и секој еден, вклучувајќи се и себеси, и може да биде попустлив во оцената на постигнатото и тоа мора да биде во рамките на кризната состојба. Но тоа што загрижува е и клучен проблем е отсуството на јасен вредносен систем.
Неколку примери. Првиот од здравството, за вакцинацијата и приоритетите. Десна влада во В Британија во приоритет за вакцинација се водеше според ранливоста, каде што згрижените во домови за возрасни и тие над 80 години беа прв приоритет, а здравите мажи под 50 години беа последен приоритет.
Во Македонија лева влада, која треба да се грижи за ранливите групи, објавува листа каде што војската и полицијата, начелно здрави мажи до 40 години, се втор приоритет, по здравствените работници. Само во авторитарна свест млади мажи во униформа може да бидат здравствен приоритет!
Или вицепремиерот Љупчо Николовски, задолжен за антикорупција, во основа борба против фаворизирање и еднакво владеење на правото за сите. Тој успеа да се радува на победата во Штип, но дали ќе реагира за очигледното кршење на сите здравствени протоколи при славењето на победата (без маски, дистанца, со блех-музика). На очиглед на сите се случуваат фаворизирање и нееднаквост пред законите. А здравството утредента мртво ладно воведува нови рестрикции за несовесни граѓани и угостители. Да постои вистинска вредност за владеење на правото, прво почнуваш со санкционирање на прекршителите од редот на своите. Примери на вредносно лутање како овие има повеќе.
Покрај кризната состојба со коронавирусот, не би ја потценил и растечката политичка криза (прашања како работата на Собранието и Деловникот на Собранието) и поларизација, која сѐ повеќе ќе го прави владеењето невозможно. Една илустрација. Вицепремиерот Фатмир Битиќи, етнички Албанец, од СДСМ, објавува платформа „За татковината со љубов“, за која сите треба да бидеме радосни како чекор, наидува на општа критика, од левицата зошто повикал поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ, а од десницата беа напаѓани истите тие бидејќи ќе им служат на предавници. Еј, во иста реченица етнички Албанец, татковина и љубов, и сите со блуење. Америка може да издржи ваква поларизација, ние не можеме. Неопходна е итна деескалација!
Авторот е аналитичар