„Да изградиме подобро“ стана популарен слоган токму затоа што повеќето луѓе сакаат да гледаат напред и да создадат посветла иднина по пандемијата на ковид-19. За да се постигне ова, потребно е владите да ги зголемат инвестициите и да ги преиспитаат државните билансни состојби, со тоа што ќе стават акцент на природниот и на општествениот капитал
Ова беше брутална година, со тоа што пандемијата на ковид-19 ги принуди владите во светот да затворат многу аспекти од нормалното секојдневие додека истовремено ги поддржуваа работниците и деловните субјекти со вонредни мерки за итни случаи. Кризата, секако, сè уште трае.
Но сега кога на повидок се програмите за вакцинирање против ковид-19, политичарите и деловните лидери треба да преземат нов пристап во новата година и да преминат од реагирање на настани кон утврдување стратегија за иднината. „Да изградиме подобро“ во денешно време стана популарен слоган токму затоа што повеќето луѓе сакаат да гледаат напред и да создадат посветла иднина отколку да се враќаат назад на старото. Што ќе биде потребно за да се врати чувството за напредок на ужалените семејства, заедниците што се соочуваат со тешкотии и ослабените економии во 2021 година? Со еден збор, инвестиции, што значи сега да се преземат мерки и да се вложи за да се исплати подоцна. Инвестирањето во средства со очекување дека тие ќе родат плод подоцна во иднина значи доверба во иднината, што токму сега му е потребно на светот.
Инвестициите во јавниот сектор во подобрена и поеколошка инфраструктура ќе бидат особено неопходни за економско закрепнување на краток рок. Владините трошоци од овој вид имаат големи фискални мултипликатори, особено во услови на пад на економијата, и ќе помогнат да се создаде побарувачка за нови вештини и технологии. Првично, големите проекти ќе мора да бидат финансирани јавно, бидејќи ниту една приватна фирма нема да се посвети на нив во несигурни времиња. Сепак, под услов владите да инвестираат компетентно и да го стимулираат растот, додавањето на јавниот долг сега ќе се покаже како најдобриот начин за намалување на соодносите на државниот долг на среден рок.
Инвестициите се исто така основна форма на компензација за помладите луѓе што беа една од најтешко погодените групи во економскиот пад. Многумина што немаа среќа да влезат на пазарот на трудот за време на оваа криза, како резултат на тоа се соочија со нарушени изгледи за заработка и кариера.
Градењето одржлива, флексибилна економија и општество бара широк спектар на инвестиции. Богатството на едно општество зависи од спектарот на средства што заемно дејствуваат едни со други, како оние во секое портфолио на инвестиции. Некои се веќе познати, како инфраструктурата и продуктивниот капитал. Економистите одамна го нагласуваат човечкиот капитал или вештините на популацијата, но честопати тесно го мерат во однос на формалните образовни квалификации. Во 2020 година научивме дека здравјето, вклучувајќи го и менталното здравје, е важна компонента на човечкиот капитал.
Покрај тоа, политичарите премногу често занемаруваат други средства кога размислуваат за националниот биланс на состојба. Природниот капитал, вклучувајќи ги чистиот воздух, биодиверзитетот и светската климатска стабилност, во голема мера е изоставен од економските пресметки, покрај тоа што е од суштинско значење за човечкиот живот, како и за потесните резултати како што се земјоделската продуктивност или заштитата од пожарите. Но ова почнува да се менува постепено.
Креаторите на економската политика во голема мера го игнорираа општествениот капитал што е од клучно значење за секој постојан економски напор. Многумина го сметаат концептот за премногу нејасен и тежок за процена. Како што покажа пандемијата, кога секој дејствува само за себе, всушност прави лошо за сите.
Клучно, носителите на одлуки треба да усвојат подолгорочна перспектива.
Многу извршни директори, повикувајќи се на мантрата за вредноста на акционерите, донесуваат одлуки насочени единствено на зголемување на кварталната заработка, додека капиталните добивки на ризичниот капитал од само седум или осум години се сметаат за долгорочни. Во меѓувреме, политичарите трката за телевизиски гостувања ја заменија со пишување објави на Твитер.
Исто така, постарите луѓе, особено генерацијата на беби-бумот, постигнаа лесен напредок преку жртвуваната потрошувачка на претходните генерации. Шокантно ниските трошоци за одржување резултираа со уривање мостови и руинирање на патиштата, додека природните ресурси се уништуваа и исцрпуваа. Во некои земји на ОЕЦД, вклучувајќи ги САД и Велика Британија, деловните субјекти многу години немаат доволно инвестиции, компензирајќи го недостигот од капитал со вработување работници на работни места со низок квалитет и ниски плати.
Не изненадува тоа што постојат охрабрувачки и алармантни сигнали на значителни промени во погледите на генерациите. На пример, младите повеќе се грижат од постарите за заштита на животната средина, но сѐ повеќе се незадоволни од демократијата. Некои влади сериозно ја сфаќаат потребата за подолгорочна перспектива на националното богатство. Исланд и Нов Зеланд, меѓу другите, ги усвоија рамките на политиката за благосостојба, додека јавните тела во Велс имаат законска одговорност да ја заштитат благосостојбата на идните генерации. Уште многу влади треба да усвојат слични рамки.
Тековната здравствена и економска катастрофа се случија нешто повеќе од една деценија по светската финансиска криза. Доколку не се случи систематска промена во креирањето политики и во деловното работење, ова ќе биде само уште една од многуте кризи, бидејќи неодржливото никогаш не може да се одржи. Се надеваме дека има уште време да се влијае на промените.
Авторката е професорка по јавна политика на универзитетот „Кембриџ“.