На две локации во кругот на кичевската Општа болница, деновиве ќе започне монтажата на модуларниот ковид-центар и објектот за тријажа на пациентите заболени од ковид-19, што ќе служи како дневна болница. Викендов беа поставени фундаменти за двата објекти, по што ќе следи нивна монтажа, која се очекува да заврши до крајот на оваа календарска година.
– Во кругот од нашата Општа болница наскоро ќе започне монтажата на модуларниот кови-центар и на тријажниот центар. Општината ја заврши својата работа со поставување на фундаменти за двата објекти и деновиве се очекува да започне нивна монтажа, која се очекува да заврши до крајот на оваа календарска година. Модуларниот ковид-центар ќе располага со 30 кревети, а ќе има обезбеден и кислород за пациентите, независна лабораторија, рендген и се што е неопходно за лечење на заболените згрижени во центарот. Во исто време во близина на управната зграда ќе биде монтиран тријажниот центар, каде заболените ќе можат да примаат инфузии и инјекции и во еден период ќе служи како дневна болница за болните од ковид-19. Средствата за овој објект ги обезбеди германската амбасада во земјава – истакна д-р Станко Трпески, директор на болницата во која во моментов се згрижени 20 пациенти заболени од ковид-19. З.А.