Фото: Зоран Антоски
Вечерва со почеток во 18 часот, во изложбениот салон во Центарот за култура во Кичево, ќе биде отворена изложбата со работен наслов „Садхана“ на ликовниот уметник Милко Нестороски од Струга. Изложбата ќе се одржи според сите протоколи пропишани за заштита од ковид-19.
 
Милко Нестороски е роден во Струга 1994 година, каде завршил и средно образование за во 2018 година да ги заврши и студиите на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек сликарство, во класата на професорот Благоја Маневски.
 
Нестороски во шест наврати има учествувано на годишните изложби во родната Струга, каде се има претставено и со две самостојни изложби, како и во главниот град, каде бил дел и од три групни изложби. За својата уметничка дејност авторот Нестороски ќе рече „на почетокот од моето творештво како потенцијален уметник сакам да се позанимавам со некои прашања чии одговори ги сметам за клучни и како непишани правила треба да се земат во предвид при создавање на секое уметничко дело. Овие одговори сметам дека секој потенцијален автор, пред се, треба да ги побара во себе, размислувајќи за своите потреби, желби, чувства, размислувања и слично и нивната поврзаност со неговиот творечки нагон“.
 
Изложбата ќе биде отворена во наредните седум дена, време кога ќе можат да ја посетат љубителите на уметноста од Кичево. З.А.