Србија

Изјавата на Сулејман Угљанин, еден од лидерите на бошњачката заедница, за тоа дека актуелните државни функционери на Србија не ги претставуваат и интересите на ова малцинство, предизвика остри реакции во домашната јавност.
– Актуелниот претседател на Бошњачкиот национален совет, Сулејман Угљанин, е загрижен дека ќе ги изгуби претстојните избори за ова тело, па е во таен договор со одделни надворешни и домашни политички фактори и се надева дека преку радикализација на состојбата лично ќе профитира – изјави Муамер Зукорлиќ, пратеник и лидер на БДЗ за Санџак.

Зукорлиќ во пишаната изјава до Танјуг вели дека постапката на Угљанин, кој е претседател на Партијата за демократска акција за Санџак (СДА), претставува плаќање на сметката, која е испорачана по седум години, за што оваа и претходната власт во Србија, незаконски го држат на чело на Бошњачкиот национален совет.
На изјавата на Угљанин реагираше и министерот за одбрана на Србија, Александар Вулин, кој изјави дека претседателот на Бошњачкиот национален совет внесува немир и го повикува злото што не го сакаат ни Бошњаците ни Србите.

– Сѐ додека Угљанин не биде предмет на внимание на правосудните органи, нема да престане со предизвикување судири, а законот мора да биде над политиката. Ако тој ги погледне резултатите од претседателските избори во Нови Пазар, лесно ќе се увери дека Вучиќ со право е избран како претседател на сите граѓани во Србија – вели Вулин за „Вечерње новости“.

Пред два дена претседателот на Бошњачкиот национален совет во Нови Пазар изјави дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ, не е бошњачки претседател, а Ана Брнабиќ и членовите на српската влада не се бошњачки премиери и министри.
– Српските државни органи се легитимни претставници на српскиот народ. Ние сакаме да разговараме со нив за идните односи, но тие не се нашите премиери, претседатели, министри или пратеници. Ни Вучиќ, ни Брнабиќ, ни Дачиќ, ни Вулин – изјави Угљанин, пред новинарите.

Повод за неговиот остар настап беше забраната што ја издадоа српските органи за влез на министерот за надворешни работи на Косово, Беџет Пацоли, да го посети Нови Пазар. Угљанин му порача на Вучиќ да не се грижи за Бошњаците, а од Брнабиќ побара да се извини поради, како што кажа, „заканите“ упатени кон припадниците на ова етничко малцинство во Србија.