Мохамед Најем Асади и неговата сопруга не спијат со денови, но се обидуваат да останат смирени поради нивната 4-годишна ќерка додека се кријат од талибанците и од авганистанската влада. Нивните животи се во опасност откако Министерството за одбрана на САД ги избрка од засолништето на американската база во Кабул, пренесува Си-ен-ен.
Асади е авганистански пилот заслужен за одбрана на пилотите на американското воено воздухопловство во Авганистан. Згора, тој убил повеќе талибанци од кој било друг пилот во авганистанските воздушни сили. Асади и неговото семејство се во голема опасност откако Пентагон ја повлече дозволата да дојдат во САД и ги принуди да ја напуштат американската воена база во Кабул, каде што престојуваат од 28 октомври.
– За мене сега има само две опции, или ќе ме затвори авганистанската влада, или ќе ме убијат талибанците – вели Асади.
Тој тврди дека авганистанската влада и војска на кои им служел подолго од една деценија ќе го гледаат како шпион на САД, а талибанците со години го бараат поради бројните убиства.
Министерството за одбрана и службите за имиграција на САД претходно го одобриле барањето на Асади за азил во Америка, но поради проблем со неговиот пасош, тој и неговото семејство не успеале да го напуштат Авганистан.
– Бев исполнет со олеснување и со среќа кога ми рекоа да дојдам да го земам пасошот во американската амбасада. Но, неколку часа пред тоа, ми беше кажано дека пасошот и дозволата за патување не се подготвени „поради некакви проблеми“. Подоцна добив повик од авганистанската влада. Од мене бараа да одам во канцеларијата на авганистанскиот воздухопловен командант за да одговорам на прашањата зошто ја напуштам војската – вели Асади.
Адвокатот на Асади објаснува дека тој веќе има понуда за работа и место за престој во САД, но изгледа дека некој си игра со неговиот живот.
– Според конвенцијата на ООН против тортура, ние како влада имаме обврска да не ја одбиеме онаа личност која е во опасност, а треба да бидеме и земја која си го одржува дадениот збор – вели Кимберли Мотли, адвокатката на Асади.
Во август, Асади доби пофално писмо за неговата храброст и водењето на формација во ризична мисија, кога во последен момент му го спасил животот на американски пилот, чиј авион бил соборен во провинцијата Баглан во Авганистан.
– Откако ме повикаа да одговарам на прашањата, знаев дека може да ме затворат. Сега ме гледаат како шпион, затоа што бев под заштита на американската влада. Не ми се верува дека ова се случува по долгогодишната соработка со САД против талибанците и Исламската држава – вели Асади.