Заминувањето на Британија од ЕУ го отстранува најголемиот скептик кон иницијативата за федерална унија, посочуваат приврзаниците на оваа идеја
Британските политичари честопати зборуваат за брегзит како можност да избегаат од оковите на Брисел, но дали разводот ја ослободува и Европа да оди по својот пат?
Заминувањето на Британија го остава блокот без својата втора најголема економија, по германската, и единствениот партнер на Франција како нуклеарна европска воена сила.
Но брегзит исто така го отстранува најголемиот скептик на идејата за поинтегрирана унија.
Некои од оние што поддржуваат подлабока интеграција на преостанатите 27 земји-членки чувствуваат можност, но, сепак, поделбата може да открие и подлабоки раздори, маскирани од бурата наречена брегзит.
За некои, одлуката во јули на маратонскиот самит на ЕУ да се придвижи кон заедничко задолжување со финансискиот план за економска обнова по пандемијата на коронавирусот е само знак за тоа што може да се постигне сега.
– Со Британците, ние дури и не би разговарале за ова, тие веднаш би рекле „не“- изјави за АФП францускиот професор Робер Франк, кој напиша книга за тешките европски односи со Велика Британија.
Планот за стимулирање, кој произлезе од четири последователни деноноќија со пазарење меѓу лидерите на ЕУ, ентузијастите на ЕУ го оценија како напредок.
– Тоа создаде заедничка фискална политика за ЕУ каква што немало порано – вели Ендру Даф, британски поранешен европратеник и европски федералист, кој сега е соработник во Центарот за европска политика.
На заедничкото позајмување се спротивстави коалицијата на таканаречените штедливи земји, Холандија, Данска, Австрија, Финска и Шведска, кои своевремено можеа да сметаат на британската поддршка.
Но откако Франција ја убеди Германија да застане зад планот, овие помали држави останаа сами и на крајот мораа да направат компромис.
– Тоа не е определена, јасно осмислена стратегија, туку тоа е еден наклон кон пофедерална ЕУ – тврди Даф.
Во таква ситуација, брегзит го прави францускиот претседател Емануел Макрон послободен да ја поттикне агендата за подлабока интеграција во ЕУ.
Но други набљудувачи гледаат проблеми на хоризонтот, со помалите, поотворени пазарни економии што треба да зборуваат повеќе против Париз и Берлин сега кога нивниот британски сојузник повеќе го нема.
– Мислам дека дефинитивно ќе бидеме во полоша состојба – вели Еоин Дреа, ирски истражувач од Центарот за европски студии.
Според него, сигурно ќе има „фокус кон централизација“ од Франција и Германија, поддржан од Италија и Шпанија, но на него ќе му се спротивстават Ирска, „штедливите“ земји и Источна Европа. Даблин ќе биде под притисок поради ниските стапки на данок на добивка, а Холандија и Шведска може да се соочат со поголема сметка за трошење на посиромашните соседи.
Во меѓувреме, по следниот седумгодишен буџетски период, источните членки како Полска и Унгарија би требало да ги приближат своите економии до нивото на нивните европски врсници.
– Значи, тие ќе добијат многу помалку средства за структурна кохезија во следниот буџетски период. Како ќе се одрази тоа кога ги имате овие популации, кои во голема мера беа под големо влијание на евроскептичните влади и популистичките влади во Унгарија и Полска? Имате помалку пари од ЕУ, а Велика Британија ќе се претстави доста успешно како земја што повеќе не е членка на ЕУ – посочува Дреа.
Исходот ќе зависи од тоа дали идната влада на Велика Британија ќе се врати кон тесната соработка со Брисел, како што верува Даф, или на крајот ќе напредува надвор од ЕУ, како што тврди Дреа.
Како ќе влијае брегзит врз сонот на Европа да стане геополитички играч? Велика Британија, како и Франција, е постојана членка на Советот за безбедност на ОН, но дури и како членка на ЕУ, нејзината безбедносна политика беше насочена кон НАТО и блиските врски на САД. ЕУ со тоа губи моќна членка, но дали на Франција ќе ѝ биде полесно да го аргументира ставот за независна глобална стратегија на ЕУ?
– Велика Британија никогаш не била за автономна европска безбедносна стратегија. Сега, по брегзит, почнува да се појавува идеја за европска одбрана – вели Пјер Вимонт, поранешен висок француски дипломат и соработник на Карнеги-Европа.
Во исто време, додека заминува од безбедносните структури во Брисел, Велика Британија останува во НАТО со мнозинството членки на ЕУ, а Лондон сè уште гледа можност за соработка со Париз и со Берлин за многу проблеми.
– Лондон ќе сака да ги задржи привилегираните односи со Франција и Германија – вели Вимонт, предвидувајќи дека Велика Британија „ќе ѕирка низ прозорецот“ за да се приклучи кон европската дебата за надворешна политика.