И покрај пандемијата на ковид-19 подготовките за државната матура за оваа учебна година се во тек и полагањето ќе се одржи во јуни следната година. Ова го изјави при денешната посета на средното училиште „Таки Даскало“ во Битола, министерката за образование и наука Мила Царовска, која притоа додаде дека зимскиот распуст за учениците, според календарот, ќе се реализира во јануари идната година, додека на 21 јануари ќе почне второто полугодие.
– Би сакала да ги поттикнам учениците до крајот на ноември да изберат проектна задача во делот на матура којашто ќе се случува оваа година, и исто така, до крајот на наредниот месец да изберат предмети коишто ќе сакаат да ги полагаат за матура. Не сакаме пандемијата да предизвика застој во развојот на нашите ученици коишто се нашата иднина. Токму затоа, согласно законските рокови, матурата ќе се извршува во текот на наредната година – изјави Царовска.
Матура има во сите земји во регионот и во сите европски земји и овие завршни испити и покрај пандемијата, се одржаа и минатата година и според министерката, Македонија нема да бидеме исклучок оваа учебна година.
Градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска изјави дека и во вакви отежнати околности наставниот процес во Битола успешно се реализира, а бројката на заболени ученици и наставници е мала, и во моментов се заболени само пет ученици и седум наставници. М.М.